Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ ќе се вклучи во школувањето на децата без родители. Директорот на на фондацијата Александар Марјановиќ и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска потпишаа меморандум за соработка.
Фондацијата на децата без родители, сместени во згрижувачки семејства, мали групни домови и установите на министерството ќе им обезбедува компјутери, курсеви за англиски јазик, обуки за компјутерски вештини, ќе им помага во подготовка за вработување и ќе реализира еден на еден менторска програма.
Како што велат од Фондацијата програма ќе ја изведуваат успешни македонски претприемачи и искусни професионалци од високотехнолошката индустрија кои ќе го споделат своето животно и професионално искуство со децата.
„Да се биде ментор на дете без родители е речиси исто толку благороден чин како и посвојувањето. Пресреќен сум што министерката Тренчевска ја препозна и поддржа оваа наша иницијатива која има за цел на овие деца да им овозможи услови за личен и професионален развој“, изјави Александар Марјановиќ по потпишувањето на меморандумот.
Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ (www.fgm.org.mk) е непрофитна организација посветена на поттикнување на образованието, лидерството и социјалниот развој во Македонија. Со фокус на зајакнување на младите и култивирање на идни лидери, Фондацијата работи да инспирира позитивни промени и да придонесе за растот и просперитетот на земјата.