ЛЕГЕНДАРНАТА ПЕЈАЧКА НИНА СПИРОВА ПОЧИВА ВО СЕЛОТО КОШТУНИЌИ ВО СРБИЈА, ОТКРИВА ПИСАТЕЛОТ СИНАН ГУЏЕВИЌ

    ЛЕГЕНДАРНАТА ПЕЈАЧКА НИНА СПИРОВА ПОЧИВА ВО СЕЛОТО КОШТУНИЌИ ВО СРБИЈА, ОТКРИВА ПИСАТЕЛОТ СИНАН ГУЏЕВИЌПријателите и роднините ѝ подигнале споменик на Нина Спирова на гробиштата во Коштуниќи, Општина Горњи Милановац во Србија. (Фото: Портал Новости)

    Легендарната Нина Спирова, пејачката на хитовите „Еден бакнеж“, „Молчи, молчи“, „Езеро мое“, која почина на 11 септември 2020 на 82 години, е погребана во селото Коштуниќи меѓу Чачак и Горњи Милановац во Србија, објави писателот Синан Гуџевиќ во Портал Новости. Во текстот „Гробот на Нина Спирова“ објавен вчера, тој пишува дека Спирова таму е погребана на 13 септември 2020, со што се разреши и мистеријата каде точно почива една од најпознатите македонски пејачки на забавна, староградска и народна музика на сите времиња, која изведе забавни мелодии кои станаа евергрини. Последната информација што беше јавно позната во земјава беше дека Спирова живее во Филаделфија, САД и се сметаше дека таму и починала, но ова сега го демантира Гуџевиќ.

    Гуџевиќ кажува дека свештеникот поп Дејан Ракиќ, кој го извршил погребот во Коштуниќи, дваесет години живее во селото и ја познавал Спирова.

    „Тој вели дека во парохијата дошол во 2000 година, а во тоа време Спирова веќе живеела во Коштуниќи. Била блиска пријателка со една мештанка од Коштуниќи, која работела во Америка, во Филаделфија. Кога таа мештанка се пензионирала, се населила во Коштуниќи, а тоа ја привлекло и Нина Спирова да се насели. Со нив две живеела и мајката на таа мештанка. Поп Ракиќ добро се сеќава на самиот погреб. Тој вели дека пријателите и роднините ѝ подигнале споменик на Нина Спирова. Спирова имаше статус на истакнат уметник во Србија, но не и во Македонија, имаше српска пензија, но не и македонска“, пишува Гуџевиќ, кој ја објави и фотографијата од нејзиниот гроб.

    Спирова, со специфичен кадифен глас и емотивна интерпретација, е родена е во Прилеп во 1938, почнала да настапува од 16 години. Ќе останат како трајни вредности нејзините интерпретации на „Бог да бие кој прв почна“, „Пилето ми пее“, „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Судбо моја, судбино“, „Зајди, зајди, јасно сонце“, „Кажи, кажи либе Стано“ .

    Спирова засекогаш се повлече од естрадната сцена во почетокот на 1980-те години. Во тоа време од Скопје се преселила во Белград и Загреб, а се сметаше и дека подоцна живеела во Германија, па во Филаделфија,

    Учествувала на првите изданија на Скопскиот фестивал, а има соработувано со најпознатите македонски автори, композитори и музички аранжери, меѓу кои Драган Ѓаконовски – Шпато, Љубомир Бранѓолица, Димитар Масевски и многу други. Има снимено над 80 композиции само за музичката продукција на МРТВ, од кој поголемиот број се хитовите: „Молчи, молчи“, „Еден бакнеж“, „Езеро мое“, „Далечен крај“, „Пелистерски очи“, „На овој ден“. Со „Еден бакнеж“ на композиторот Петар Пешев учествувала на фестивалот Опатија во 1962 и добила прва награда. Овој евергрин беше носечка музичка тема во филмот „Сенки“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира