ЉУБОЈНА НА ОФФ ФЕСТ СЕ ПОКЛОНИ НА ТЕТКА ВАЊА

    ЉУБОЈНА НА ОФФ ФЕСТ СЕ ПОКЛОНИ НА ТЕТКА ВАЊАРазнолик состав од панкери, рапери, џезери, попови, солисти по националните институции, самостојни музичари, тоа е репрезентацијата на Оливер и на Вера која се менува за различни настапи. - Од настапот на „Љубојна“

    Првата вечер на 16. „Офф фест“ беше посветена на музичкиот балкански котел во кој Истокот и Западот вријат, а протагонисти беа, т.н крал на севдахот, сараевскиот тамбураш со светска кариера, Дамир Имамовиќ и македонските „Љубојна“.

    Синоќа, Македонскиот народен театар на дождливата вечер беше полн и долго во ноќта уживаше во музичките мајстории на солистот, а потоа и на големиот музички состав кои си играа со жанровите пеејќи приказни и легенди за тажни, романатични љубови, за бизарни европско-отомански врски, напати со меланхолија, а наместа со силен звук на музчка машина.

    Имамовиќ, кого директорот на фестивалот Оливер Белопета го најави како едукатор и научник, е музичар кој издава плочи за со години најголемата дискографска куќа во светот, „Гилтербит рекордс“. Тој одржа соло-концерт во пријатна атмосфера, зашто како што самиот рече, и веселите песни ги пее на малку тажен начин, што не беше баш така. Понуди разновидност и покажа дека севдахот кој се базира на љубов и мелханолија, во новите времиња може да се изведува во најразлични жанрови, а при тоа дека може и класиката да е преаранжирана во севдах.

    Во втората половина на вечерта настапија Вера Милошевска и Оливер Јосифовски, овој пат со оркестар од уште 10 музичари меѓу кои солист на труба беше Демир Кантуровски, а на клавијатури Васил Хаџиманов. „Љубојна“ имаа програма составена од композиции од последниот, 9. албум, „Радио Љубојна“, кој на цедето има графит„Љубојна виа Битола, Битлси виа Љубојна“. На шега велат, не знаат како по толку години да објаснат дека составот не е од Љубојно.

    И оваа вечер „Љубојна“ го покажа своето совршенство во колажната приказна составена од мозаикот на традицијата и современиот македонски и светски музички израз.
    На албумот имаат ексклузивни текстови кои зборуваат за големината на Македонија и раскажуваат за поединци од старите времиња во песните насловени како „Кратово виа Бразил“, „Охрид виа Долмабахче“, „Галичник виа Њујорк“, а се однесуваат на овдешни луѓе кои имале бизниси во светот.

    „Охридска приказна е за цвеќар кој продавал трендафили на анамите во дворецот во Истанбул, а галичката пак, е за галичани кои пред векови продавале кашкавал и сирење во Вашингтон и во Њујорк“, ни раскажува Јосифовски.

    Вера, божествена како секогаш налик на нимфа, со минималистички мизансцен или на танчарка на чочек или на џез дива, или на босонога хипи принцеза, го водеше осмислениот концерт од тиха разлеаност до екстатичниот крај кој составот од над 10 врвни музичари го подготви со преработените добро познати песни кои се веќе и химни на овој бенд како „Излегу“, „Оди моме на вода“, „Твоите очи Лено“, “Рап-еш“.

    На листата на композиции имаше неколку посветени на тетка Вања, како што Вера и Оливер си ја викаат голема Вања Лазарова, а со посебна најава и со акапела изведба на неколку од музичарите заедно со нив, тие се поклонија на Вања, со „Ти ли се најде, Лено мори“.

    „Љубојна“ пред „Офф фест“ настапи со голем успех во Белград, најавува промоција на винил издание во Хрватска и фестивал на музика на светот со ЕКСПО во Казахстан.

    „Офф фест“ продолжува вечерва во МНТ со италијанскиот состав „Бела чао“ кој на иновативен начин ја негува традиционалната италијанската народна песна создавана од 1954 до 1964 година.
    Вториот концерт е на новата португалска фадо ѕвезда, Жизела Жоао.
    „Офф фест“ трае и следните два дена со уште три концерти кои ќе се одржуваат во МКЦ и во „Станица 26“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира