„ЛУВР ВИСОКА МОДА“ Е ПРВА МОДНА ИЗЛОЖБА ВО 231-ГОДИШНАТА ИСТОРИЈА НА ПАРИСКИОТ МУЗЕЈ

    „ЛУВР ВИСОКА МОДА“ Е ПРВА МОДНА ИЗЛОЖБА ВО 231-ГОДИШНАТА ИСТОРИЈА НА ПАРИСКИОТ МУЗЕЈTоалета од свила и кадифе со раб од хермелин дизајнирана од Џон Галијано за „Диор“ во 2004, изложена во одаите на императорот Наполеон Трети во Лувр. (Фото: Њујорк тамс)

    „Лувр висока мода“, првата модна изложба во познатиот париски музеј во неговата 231-годишна историја, се отвори на 24 јануари. Последен пат високата мода предизвика толкава возбуда во Лувр во 1957, кога во филмот „Смешно лице“ Одри Хепберн позираше пред крилестата Нике од Самотраки, во црвена тоалета од Живанши без прерамки и брзаше по скалилата на Дару кревајќи ја шамијата над главата.

    Чевлите армадило од питон на Александар Меквин, создадени за модна колекција од 2010, изложени крај рустикална керамика од околу 1600-1650 година. (Фото: Њујорк тамс)

    Четириесет и пет модни куќи и дизајнери – од „Кристобал Баленсијага“ до „Ирис ван Херпен“ – му позајмија на музејот 100 ансамбли и додатоци, кои датираат од 1960 до 2025.

    Фустан од Баленсијага дизајниран од Демна во 2023 година сопоставен со француски оклоп, околу 1560 година. (Фото: Њујорк тамс)

    Тие не се наредени меѓу познатите слики и мермерни скулптури на Лувр, туку низ над 9.000 квадратни метри од неговиот Оддел за декоративна уметност. Одделот, чија гломазна колекција се движи од средниот век до почетокот на 19 век, е преполн со илјадници предмети: средновековен оклоп, ренесансни таписерии, резбана слонова коска, бронзи, керамика, царски сребрени садови и мебел.

    Фустан од Жан Пол Готје од 2008 во одаите на императорот Наполеон Трети. (Фото: Њујорк тамс)

    „Не е лесно да се влезе во нашиот музеј, особено во нашата колекција“, рече Оливие Габет, директор на Одделот за декоративна уметност. „Нашата цел е да направиме повеќе луѓе, различни луѓе, помлади луѓе, среќни, слободни и опуштени кога ќе дојдат овде. Им велиме: Во ред, вие ја сакате модата. Модата е мост за нас“.

    Со оваа изложба, Лувр се приклучува на редот на институциите кои открија како да ја користат популарната култура на облекување како порта во светот на уметноста. И, повеќе од кога било, модата ги заведува француските музеи и уметнички простори.

    Фустан од Јоџи Јамамото дизајниран во 2015. (Фото: Њујорк тамс)

    Две недели пред Лувр да ја отвори својата изложба, „Долче и Габана“ отвори свој моден спектакл: „Од срцето до рацете“, во новореновираниот Гран Пале. По првото отворање во Милано минатата пролет, ретроспективата содржи повеќе од 200 креации на куќата во извонредни видео инсталации и детални сетови. Но, ова не е музејска изложба.

    „Ова е искуство кое е првенствено радосно“, рече Флоренс Милер, креативна директорка на изложбата. „Тоа е секундарно интелектуално. Не е наменето да биде во музеј“.

    Следниот месец, Музејот на Кејот Бранли, со колекција на африкански, американски, азиски и дела од Океанија, ќе ја отвори „Златна нишка“, изложба која се фокусира на уметноста на користење злато за украсување облека и накит.

    Во мај, Пети Пале, кој припаѓа на градот Париз, ќе ја постави „Вредност: Раѓање на високата мода“, ретроспектива за животот и делото на британскиот дизајнер Чарлс Фредерик Ворт (1825-1895).

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира