МАЈКА МИ СЕ РАСПЛАКА КОГА ЦЕЛОТО СЕМЕЈСТВО СНИМИ НОВА ВЕРЗИЈА НА „МОЛИТВА“ ЗА НЕЈЗИНИОТ 80. РОДЕНДЕН, ВЕЛИ ЌЕРКАТА НА ВИОЛЕТА ТОМОВСКА, НЕВЕНКА РОСОМАНОВА

    МАЈКА МИ СЕ РАСПЛАКА КОГА ЦЕЛОТО СЕМЕЈСТВО СНИМИ НОВА ВЕРЗИЈА НА „МОЛИТВА“ ЗА НЕЈЗИНИОТ 80. РОДЕНДЕН, ВЕЛИ ЌЕРКАТА НА ВИОЛЕТА ТОМОВСКА, НЕВЕНКА РОСОМАНОВАЗа три часа ја снимивме новата верзија на „Молитва“, вели Невенка Росоманова, ќерката на Виолета Томовска (Фото: Фејсбук)

    Како изненадување за 80. роденден на Виолета Томовска, семејството на легендарната пејачка сними нова верзија на песната „Молитва“, која ја пеат и свират сите музичари од нејзиното пошироко семејство.

    Ќерката на Томовска, Невенка Росоманова, вели дека ова за нив бил многу емотивен момент, ја снимиле песната за три часа, а сите роднини кои живеат во Белград, Загреб и Чикаго веднаш прифатиле да учествуваат и им испратиле снимки.

    „Ова го направивме тајно со сестра ми Маја и со сите наши родини. Мајка ми е родена на 28 март, но песната досега ја има слушнато само семејството. За роденденот на мајка ми се собравме семејно на вечера, иако претходно планиравме да поканиме поширок круг на пријатели и таму ѝ ја пуштивме песната. Многу се возбуди и се расплака. За Божиќ бевме собрани семејно и си рековме дека тоа е најпригодна песна за Божиќ како наша честитка за сите. Мајка ми заслужила и многу повеќе од песната. Кај сите кои ја снимаа разбуди различни емоции. На пример, Катица Видец, ќерката на Блага Видец, која ѝ беше прва братучетка на мајка ми, снимаше во Чикаго. Таа не влегла во студио 35 години“, ни рече Росоманова.

    Композитор на песната е Миле Барбаровски, текстот е на Георги Барбаровски, новиот аранжман го направи Дамир Имери, кој ѝ е зет на Виолета Томовска, а продуцент е Дарко Димитров, внук на Томовска. Во песната по долго време пее и легендата Славе Димитров, зет од братучетка на Томовска. Во идејата и организацијата за песната, на Невенка Росоманова ѝ помогнал Горан Саздановски, внук на Виолета Томовска, брат на пејачката Маја Саздановска, која исто така испеа дел од новата верзија, која е снимена во студиото на Мите Димовски, „Тра ла ла“.

    Семејството на Виолета Томовска на нејзиниот роденден во март (Фото: Приватна архива)

    Песната ја пеат и Олгица Христовска-Кошутиќ, внуката на Томовска и диригентот и трубач Љупчо Мирковски, нејзин братучед. Во спотот, кој е објавен на социјалните мрежи, напишани се сите музичари по редослед на појавување: Дамир Имери, Маја Саздановска, Олгица Кошутиќ, Љупчо Мирковски, Бобан Мирковски, Дино Имери, Ади Имери, Влада Драговиќ, Славе Димитров, Оливер Димитров, Дарко Димитров, Горан Саздановски, Никола Крнчев, Будимка Имери, Катица Видец, Ивана Лола Шалипур, Томислав Видец, Младен Драговиќ, Слоба Драговиќ, Ксенија Драговиќ, Милена Драговиќ и Виолета Томовска. Песната завршува со оригиналната снимка на „Молитва“ снимена во 1990, кога се роди нејзината внука Марија, ќерката на Невенка.

    „Одамна се немаме собрано целото семејство затоа што живееме на различни страни, а ова беше шанса уште еднаш музички да се обединиме. Многумина не знаат, но дел од роднините кои не живеат во Македонија се многу успешни музичари“, додава Росоманова, за која Јонче Христовски, кој беше близок пријател со Виолета Томовска и со нејзиниот сопруг, ја напиша легендарната „Македонско девојче“ како подарок за првиот роденден.

    Во 2016, како изненадување за нејзиниот 50, роденден, покојниот сопруг Зоран Росоманов продуцираше нова верзија на „Македонско девојче“, во која учествуваше дел од семејство, заедно со Наум Петрески, Весна Ѓиновска-Илкова, Влатко Стефановски, Дино Имери и хорот на Националната опера и балет под диригенство на Бисера Чадловска, блиска пријателка на семејството.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира