Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел денеска го прославува својот 70. роденден со најблиските, соопшти нејзината портпаролка. Германските политичари веќе ги упатија своите честитки и оддадоа почит на Меркел, која 16 години стоеше на чело на најголемата европска економија. Таа беше првата жена на таа функција.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер ја чествуваше Меркел како „модел и белег на нашата демократија“ пред нејзиниот роденден. Меркел решително го обликуваше патот на обединета Германија како канцелар, рече тој.
Своите честитки упати и поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, кого Меркел го наследи по изборите во 2005 година.
„Од сите политички противници, таа е посебна. На крајот на краиштата, таа победи“, рече Шредер во интервју за магазинот „Штерн“.
Меркел е родена во Хамбург на 17 јули 1954, но нејзиното семејство накратко се преселило во поранешната комунистичка Источна Германија. Студирала физика на Универзитетот во Лајпциг и докторирала по квантна хемија. Политичката кариера на Меркел започна како заменичка-портпарол на првата слободно избрана влада во Источна Германија.
По обединувањето на Германија во 1990, таа беше избрана во германскиот парламент за централно-десничарските Демохристијани (ЦДУ), а подоцна беше министерка за жени и млади и министерка за животна средина. Меркел ја водеше ЦДУ од 2000 до 2018 и беше канцеларка од 2005 до 2021. Таа беше и првата канцеларка која израсна во Источна Германија.