МИ СЕ КРЕНАА САФРИТЕ – СО ТАНТАРАЊЕ ПО БИТОЛСКИ НА ФЕЈСБУК ГО ТЕПААТ ВРЕМЕТО ВО ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС

    МИ СЕ КРЕНАА САФРИТЕ – СО ТАНТАРАЊЕ ПО БИТОЛСКИ НА ФЕЈСБУК ГО ТЕПААТ ВРЕМЕТО ВО ПОЛИЦИСКИОТ ЧАСФејсбук групата „Стари битолчани“ го оживеа стариот дух на Битола, нема говор на омраза, ни делби по политичка и друга основа. (Фотографија од архивата на Д. Лутовски)

    „Странец не можи да разбери дека во Битола летва, камен и земја не се градежен материјал туку фази на пијанство“.  „С’клети (нерви) ме фатија од седење дома, ми се кренаа сафрите (маките)“. Ова се само дел од стотиците фрази што на битолски дијалект ги напишаа битолчни деновиве додека траеше празничниот карантин на фејсбук групата „Стари битолчани“.

    Групата одлично им легна за тепање на времето додека 85 часа минаа затворени дома, но и за да ја сменат мислата од коронавирусот.

    Калдисана (уморена), кејфлисана (радосна) курдисана ( договорена), кинисана (замината) , чикмак ( сокак), џам ( прозорец), ајро (среќа), угурсуз (лош)… Едночудо думи испишаа битолчани, што би се рекло по битолски, како да се навиени (на норма).  Дури беше објавен и мајтап дека домаќинките од многу пишување ги оставиле домашните за Велигден без ручек.

    Во групата нема говор на омраза, ни делби по политичка и друга основа. Таа успеа да ги сплоти и повозрасните и помладите битолчани, и посиромашните и побогатите, оние со сколија и оние без, политичарите и од лево и десно.

    Администратор е професорот Благој Митревски, а преку оваа неформална дружба се оживеа стариот дух на Битола. Можат да се прочитаат битолски муабети, турцизми што опстоиле во говорот, некои добиле и изменета форма, подзаборавени зборови, фрази и други чамче муабети. Некои од нив се разбирливи само за битолчани.

    Дел ги пренесуваме изворно како што се напишани на фејсбук групата „Стари битолчани“ заедно со името на авторите:

    • Цел ден, стави-крени прајме… (Љубица Стерјева)
    • Ало, ти да не знајш па, од која страна течи Драгоро? Глата чалма клаја. (Билјана Лазаревска)
    • Аздисана донемајкаде! Оди, не се мандори. (Татјана Новаковиќ)
    • Некој шо му се отворени двете четрнајсе. (Никола Трајановски)
    • Отракан! Ааа, тој беше од големото добро утро (Златко Талевски)
    • Чупиња, која од вас има праено таписерија со вуница? ( Валентина Митревска)
    • Разбравте, денес не важел полицискио час, кој сака можи да оди со на Паца бродо кај Фики на тараса (Ема Момировски)
    • Има нешто мака и те прашва за совет, ти му објаснуваш пол сат, устата пена ти фати… На крајот ти вика: „Абе кузнај како е…“ (Александар Димитровски)
    • Како е правилно битолски за појадок – доручек или поручек? (Славица Георг)
    • Ујдисани како учкур и гаќи (Спирковска Лидија)
    • Остајте ја неа, дандана ќе не’ напрај… (Весна Бендевска )
    • Не мојме да напрајме по една штрафта на Корзо за Велигден со новите алишта (Мирјана Матевска)

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира