Меѓународниот ден на младите оваа година се одбележува под мотото „Младински дигитални патишта за одржлив развој. Над 30 стартапи во Македонија, повеќето предводени од млади претприемачи, добија поддршка преку проектот „ЕУ за економски раст“ (EU4EG) за да се развијат во одржливи бизниси подготвени за инвестиции.
Проектот EU4EG е посветен на зајакнување на локалните економска активност и конкурентност во четири региони во Македонија: Североисточен, Полошки, Југозападен и Преспа (Општина Ресен).
Еден од нив е „AviFly“, стартап од Ранковце во Североисточниот Регион, основан од Дејан Михајлов (33), Мартин Михајлов (31) и Филип Ковилоски (20). Нивниот стартап е специјализиран за прецизно земјоделство со користење на специјализирани дронови и софтвер за откривање болести, како и третман со дронови, со цел да им се помогне на земјоделците да го подобрат управувањето со културите, да ги зголемат приносите и да ги оптимизираат ресурсите.
„Кај нас просечната возраст на земјоделци е 58 години, нивните методи се традиционални, а тоа го отежнува земјоделството и предизвикува значителни загуби. Со дигиталните технологии и вештачката интелигенција, нашите услуги можат да им помогнат да намалат 80-90% од употребата на вода и 40% од употребата на пестициди, а притоа да се зголеми жетвата. Употребата на дигиталните технологии и вештачката интелигенција го прави земјоделството поефикасно и попривлечно за младите земјоделци“, вели Мартин Михајлов.
„FixiGo“ од Тетово, основан од Филип Костадиновски (23) и Горјан Спировски (23), разви софтвер кој обработува податоци од сензори за почва, кои работат на фотоволтаици, со цел да се подобри земјоделската ефикасност. Нивната технологија им овозможува на земјоделците да носат информирани одлуки и да ги подобрат продуктивноста и одржливоста.
„Ние веруваме дека инвестициите треба да се насочат кон земјоделството, со фокус на оптимизирање на процесите и искористување на дигиталната технологија за решавање на проблемот со недостигот на работна сила, а младите мотивирани луѓе можат да направат многу во оваа насока“, истакнува Филип Костадиновски.
И не е само земјоделството. Досега, проектот EU4EG има доделено грантови во вкупна вредност од 4,15 милиони евра на 20 микро, мали и средни претпријатија во сектори како рециклирање, агротехнологија и производство. Така во компанијата „Митротек“ од Охрид, Катерина Сталеска (32) го води процесот на производство на скара на пелети со употреба на CNC технологија и роботика.
„Дигиталната технологија е клучна за оптимизација на процесите. Со поддршка од проектот, можеме да произведуваме скари кои се многу поеколошки и емитуваат помалку штетни емисии од обичните“, рече Сталеска.