МЛАДИТЕ СЀ ПОВЕЌЕ ГИ ЗАМЕНУВААТ ПАМЕТНИТЕ ТЕЛЕФОНИ СО ОБИЧНИ ЗА ДА СЕ ОДМОРАТ ОД СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ

    МЛАДИТЕ СЀ ПОВЕЌЕ ГИ ЗАМЕНУВААТ ПАМЕТНИТЕ ТЕЛЕФОНИ СО ОБИЧНИ ЗА ДА СЕ ОДМОРАТ ОД СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИЗа многу млади, целта не е целосно откажување од технологијата, туку враќање на контролата врз сопственото време и создавање поздрав однос со дигиталниот свет. (Фото: Гети)

    Сѐ повеќе млади луѓе од Генерацијата Зед се обидуваат да го намалат времето поминато на социјалните мрежи, а некои дури ги заменуваат паметните телефони со обични, кои служат главно за повици и пораки. Овие уреди, познати како „дамфони“, немаат многу од функциите на паметните телефони, а токму тоа ги прави привлечни за младите кои сакаат да се ослободат од постојаните известувања и бескрајното прелистување содржини.

    Хан Чои (26), кој минатата година ги избришал апликациите за социјални мрежи за да има повеќе време за дружење и вежбање, смета дека младите почнуваат да им се спротивставуваат на технолошките компании кои заработуваат од нивното внимание.

    „Луѓето ги отфрлаат системите што ги создадоа оние кои профитираат од нашата послушност. Не мора повеќе да учествуваме во економијата на бескрајното скролање“, вели Чои, кој решил времето што го поминувал на социјалните мрежи да го посвети на дружење и вежбање.

    Трендот е дел од поширокото движење наречено „дигитална детоксикација“, кое поттикнува ограничување на времето поминато пред екраните и повеќе непосредно дружење.

    Сѐ попопуларни стануваат и апликациите што го ограничуваат користењето на телефонот, како „oпал“, која ги блокира апликациите што го одвлекуваат вниманието. Некои млади користат и физички уреди за блокирање апликации, како „брик“, додека други едноставно ги бришат социјалните мрежи. Индустријата за дигитална детоксикација веќе вреди речиси една милијарда долари, а се предвидува дека до 2035 година ќе достигне вредност од осум милијарди долари.

    Паралелно со овој тренд расте интересот и за апликации што поттикнуваат вистински средби. Една од нив е „пај“, чиј број корисници за само еден месец пораснал од 120.000 на 300.000.

    За многу млади, целта не е целосно откажување од технологијата, туку враќање на контролата врз сопственото време и создавање поздрав однос со дигиталниот свет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира