СО МОДЕРНИЗМОТ НА ПЕТАР ХАЏИ БОШКОВ ПРОТИВ ПРОПАГАНДАТА, ДИКТАТОТ И ДОГМИТЕ – ГОЛЕМА РЕТРОСПЕКТИВА ВО МСУ

    СО МОДЕРНИЗМОТ НА ПЕТАР ХАЏИ БОШКОВ ПРОТИВ ПРОПАГАНДАТА, ДИКТАТОТ И ДОГМИТЕ – ГОЛЕМА РЕТРОСПЕКТИВА ВО МСУРетроспективната изложба „Дела на хартија“ на академик Петар Хаџи Бошков е трезор од дела кои првпат се изложуваат и кои во поголем број се непознати и за стручната јавност (Фото: СДК.МК)

    Ретроспективната изложба „Дела на хартија“ на академик Петар Хаџи Бошков, кој на 87-годишна возраст почина пред две години, поставена во Музејот на современа уметност (МСУ) е настан кој по неколку факти ќе влезе во поновата историја на македонската уметност. Со тоа, семејството и кустосите само го потврдуваат прогресивниот пат на творештвото на еден од најзначајните модернисти во македонската современа уметност.

    Се работи за изложба која за првпат го обединува обемното, маестрално цртачко творештво на уметникот Петар Хаџи Бошков, најшироко познат како скулптор (Фото: СДК.МК)

    Станува збор за трезор од дела кои првпат се изложуваат и кои во поголем број се непознати и за стручната јавност. Тоа е идеја на изложба која како пристапна требало да се реализира во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), за прием на Хаџи Бошков, но која од разни причини не се изведе. Се работи за изложба која за првпат го обединува обемното, маестрално цртачко творештво на уметникот Петар Хаџи Бошков, најшироко познат како скулптор.

    „Ги изложивме највредните работи. Перо многу сакаше да ја реализира оваа изложба на која еве се изложени и неговите први работи, од 50-тите години на минатиот век. Циклусите од тоа време од Њујорк, од Лондон, неговите проекции на градовите. Колку што сум среќна, толку ми е и жал што Перо не е овде да ја види изложбата“, вели сопругата, уметницата Лилјана Ѓузелова (Фото: СДК.МК)

    Но, се работи и за изложба на можеби најистакнатиот модернист во современата македонска уметнот, некогаш 27-годишниот скопјанец кој откако ја видел изложбата на Хенри Мур во Белград во 1955 година бил толку инспириран, што модернизмот го сфатил како своја мисија која треба да ја изврши во Македонија. Изложбата, според вишиот кустос во МСУ Зоран Петровски и историчарите на уметност кои со свои текстови се застапени во ексклузивниот каталог Љиљана Неделковска и Лазо Плавевски, токму во овој општествен конетекст за Македонија, не е случајна.

    Петровски, еден од врвните експерти за македонската модерна кој две години ја подготвувал поставката, вели дека за секоја изложба треба да има одреден сензибилитет и кај јавноста.

    „Кај нас е сега Хаџи Бошков важен поради неговиот модернизам. Видовме што е сѐ погазено со Скопје 2014, цел тој град е затворен со заробена архитектура, сето она што се создаваше од 1950-тите години наваму. Зошто, со какви идеи? А, овде, кај Хаџи Бошков е јасно кажано – јас сум модернист. Модерната за него не значи да ја спојува локалната традиција со Европа, туку европската култура на живеење и европската уметност да ги донесе тука. Тој е уметник кој имал истенчено чувство за светските текови во уметноста, за времето во кои се тие создавани, па имал сопствени автентични рефлексии на сите модерни правци. Тој го негуваше модернизмот како стил, а не како догма“, вели Петровски, кој додава дека оваа изложба е добредојдена  за да се потсетиме на она што Хаџи Бошков го работеше целиот живот, да не се покоруваме на догмите и на конзервативизмот, туку да сме слободни и свои.

    „Творештвото на Хаџи Бошков ги содржи суштинските начела на модерната – индивидуалност, чувство на слобода и постојано преиспитување“, вели кураторот Зоран Петровски (Фото: СДК.МК)

    „Творештвото на Хаџи Бошков ги содржи суштинските начела на модерната – индивидуалност, чувство на слобода и постојано преиспитување“, вели Петровски.

    На оваа тема Неделковска пишува дека Патар Хаџи Бошков е во првите редови на македонската модерна која го создаваше новиот начин на сфаќање и гледање на улогата на уметноста во општествениот конетекст, а тоа значеше „не дикатат туку слобода на творечката мисла, не потчинување туку еманципација, не пропаганда туку автономија на уметноста, не национализам, туку универзализам“. Тој бил жесток противник на соцреализмот, вели Неделковска, и целото свое творештво го посветил на она што се вели битка против соцреализам на духот.

    Генерален покровител на активностите на МСУ и на изложбата на Хаџи Бошков е „Еуролинк“; – претседателката на Надзорниот одбор на „Еуролинк Осигурување“ Олга Костовска (Фото: СДК.МК)

    Плавевски додава дека Хаџи Бошков нема значење за современата македонска држава само како уметник, туку е тој автор кој има големо влијание за формирањето на македонското општество како модерно, како општество во кое со освојувањето на модерноста се освојува и сопствената еманципација.

    Инспиративната изложба, која може да се разгледува по неколкупати до бесконечност, се состои од околу 300 дела на хартија на уметникот Хаџи Бошков, која кураторот Петровски со својот тим и со сопругата на авторот Лилјана Ѓузелова грижливо ги селектирале две години. Петровски вели дека до идејата дошло случајно.

    „Отидов по дело за друга изложба, па госпоѓа Лиле ми спомна за оваа идеја, се согласив без да има поим што ме чека. Ги отворавме сандаците, папките, и се отвораше цело богатство. Вистински предизвик беше да се конципира изложбата која е направена така што е достапна и разбирлива за сите посетители, и оди хронолшки според фазите на авторот. Сепак, има периоди кога е неспоив. Во исти години има дела кои се декоративни, истражувња во формата, во геометријата, но и во органското, а во истовреме со таквото творештво на пример на два пати се јавува и циклус ‘бесилки’, и тоа во 1968 и во 1975 година, што само имплицира на одредени политички случувања. Се обидов да направам врска на овие дела на Хаџи Бошков со скулптурите, за целокупната творечка линија во која тој се занимава со егизистенцијални, космички, метафизички прашања, но и со естетиката на формата, светлина и движењето“.

    Не дикатат туку слобода на творечката мисла, не потчинување туку еманципација, не пропаганда туку автономија на уметноста, не национализам, туку универзализам, беа темелите на македонската модерна (Фото: СДК.МК)

    Уметницата Лилјана Ѓузелова ни рече дека најважно во процесот било да се селектираат делата што ќе бидат изложени, зашто тимот од кустоси бил соочен со околу 2.000 скици, цртежи, графики.

    „Ги изложивме највредните работи. Перо многу сакаше да ја реализира оваа изложба на која еве се изложени и неговите први работи, од 50-тите  години на минатиот век. Циклусите од тоа време од Њујорк, од Лондон, неговите проекции на градовите. Колку што сум среќна, толку ми е и жал што Перо не е овде да ја види изложбата“, вели Ѓузелова.

    На прашањето каде ќе одат делата по завршувањето на поставката, таа вели: „Дома. Таму им е местото. Повеќето од овие дела не се за отуѓување, имаат историска вредност“, вели Ѓузелова и додава оти е сепак среќна дека нејзинот сопруг живее преку делата.

    Директорот на Музејот на современа уметност (МСУ), Лазе Трипков изрази посебна благодарност до семејството на авторот, до својот тим, и до генералниот покровител на активностите на Музејот и на оваа изложба „Еуролинк“. Претседателката на Надзорниот одбор на „Еуролинк Осигурување“ Олга Костовска ни рече:„Радоста е и наша што како компанија придонесуваме оваа уникатна изложба на академик Петар Хаџи Бошков да биде релизирана во овој бастион на уметноста, и што на овој начин се оддолжуваме на сето она што Хаџи Бошков го има оставено како придонес во македонската современа уметност. Се надеваме дека нашата компанија е добар пример како навидум апстрактниот однос помеѓу стопанството и уметноста може да се надмине. Бизнис секторот обично  работи со интерес, но овде нема интерес. Зборуваме за  трајни вредности во културата и уметноста на земјата кои се од значење за сите сфери во нашето живеење“.

    Хаџи Бошков е можеби единствеиот македонски уметник со три ретроспективни изложби, а овој цртачки и графички опус бил скромно застапен само во првата ретроспектива во 1989. Изложбата „Дела на хартија“ вклучува голема селекција од над 300 графики, цртежи, графички мапи, скици, студии и колажи, од кои неколку значајни циклуси и проекти на уметникот се изложуваат за првпат, како последниот голем циклус на извонредно сугестивните монотипии и цртежи насловени „Психопејзажи“, работени помеѓу 1998 и 2004 година, како и скиците и подготовките за проектот „Крајот на векот“ за нереализираното учество на Биеналето во Венеција во 1999. На изложбата е вклучен и помал избор на скулптури како референтни точки во релацијата со делата на хартија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира