МОЌНИТЕ ПОРАКИ ПРОТИВ СЕКСУАЛНОТО ВОЗНЕМИРУВАЊЕ ГИ ФРЛИЈА ЗЛАТНИТЕ ГЛОБУСИ ВО ВТОР ПЛАН

    МОЌНИТЕ ПОРАКИ ПРОТИВ СЕКСУАЛНОТО ВОЗНЕМИРУВАЊЕ ГИ ФРЛИЈА ЗЛАТНИТЕ ГЛОБУСИ ВО ВТОР ПЛАНЦрната комедија на Мартин Мекдона беше големиот победник на вечерта; - Тимот на „Три билборди пред Ебинг, Мисури“ (Фото: Гети)

    Моќните говори за сексуалното вознемирување во Холивуд доминираа на 75. доделување на филмските награди Златен глобус, на коишто „Три билборди пред Ебинг, Мисури“, црната комедија на Мартин Мекдона, ги изненади фаворитите и освои четири статуетки, вклучувајќи за најдобар филм-драма и за најдобра актерка за Френсис Мекдорманд.

    Речиси сите актери и актерки избраа да носат црно, во знак на поддршка на движењето против сексуалното вознемирување „Времето истече“, а Опра Винфри, примајќи ја наградата за животно дело, кажа дека „доаѓа нов ден на хоризонтот“.

    „Јас не зборувам јавно за политика, но беше извонредно да се биде во оваа сала вечерва и да се биде дел од тектонските промени што се случуваат во нашата индустрија. Верувајте ми: жените во оваа сала не се за јадење, ние сме тука за да работиме“, порача Мекдорманд.

    Сите избраа да носат црно. – Френсис Мекдорманд со наградата за најдобра актерка во драма за „Три билборди пред Ебинг, Мисури“ (Фото: Ројтерс)

    Сличен исход имаше и во категоријата комедија/мјузикл, каде што победија „Леди Бирд“ и неговата главна ѕвезда Сурша Ронан, додека најдобри актери се ветеранот Гери Олдман за улогата на Винстон Черчил во „Најтемниот час“ и Џејмс Франко, кој совршено го долови ексцентричниот филмаџија Томи Визо во „Катастрофалниот уметник“.

    „Беше инспиративно да се биде овде вечерва. Наградите се само споредно шоу на оваа специјална вечер“, кажа Сурша Ронан.

    „Обликот на водата“, иако имаше седум номинации, ги освои само оние за режија за Гилјермо дел Торо и за музика за Александр Деспла.

    Сепак, ретко кој во својот говор не ја допре најжешката тема за 2017 година, почнувајќи од водителот Сет Мејерс.

    „Сега сме во 2018, марихуаната е конечно легална, а сексуалното вознемирување конечно не е. Изминаа години откако белиот човек беше вака нервозен во Холивуд. За актерите номинирани вечерва, ова ќе биде првпат во последните три месеци да го чујат своето име без страв“, кажа Мејерс, додавајќи дека сите можат да бидат мирни затоа што Харви Вајнстин ќе се врати дури за 20 години, кога неговото име ќе се најде во рубриката ин мемориам.

    Германскиот филм „Од никаде“ на Фатих Акин го освои Златниот глобус за најдобар странски филм, а „Коко“ за анимиран филм.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира