На Клиниката за детски болести во Скопје денес беше отворена „тивка соба“ за децата болни од малигни заболувања, a кои се лекуваат на одделението за хемато-онкологија.
Собата е специјално уредена за потребите на децата, каде тие ќе можат да си играат и да здивнат од тешките терапии, кои ги примаат секој ден. Тивката соба е отворена на инцијатива на здружението „САНО“, од каде велат дека ова е многу важно во процесот на лекување, бидејќи ќе ја добиваат потребната психосоцијална поддршка при долготрајниот престој во болница.
„Децата освен со дрвените дидактички играчки, ќе можат да нижат монистра, да играат ‘Не лути се човече’ , да редат коцки , да цртаат или едноставно да одморат подалеку од нивната болничка соба“, велат од „САНО“.
Потребниот мебел и играчки здружението ги обезбеди од донации.
„Се залагаме за секое дете заболено од рак да му биде достапно најдобро можно лекување, и психолошка поддршка на целото семејство, за да можат полесно да поминат низ долготрајното, болно и исцрпувачко лекување. Низ разни програми ги информираме и храбриме родителите и децата. Се залагаме за правата на децата и нивните семејства, уважувајќи ги различностите и посебноста на секој поединец“, велат од САНО.
Од здружението велат дека работат на проект за изградба на родителска куќа во која ќе престојуваат лицата кои доаѓаат на лекување на детската Клиника, а не се од Скопје.
„Престојот ќе биде комплетно бесплатен за нив. Наскоро со поголема група на родители чии деца се бореле со рак, но и со пријателите на децата од болница , ќе се впуштиме во голема кампања за изградба на дневна болница за децата болни од рак“, велат од САНО.