Камилата Наза’а победи на Светското првенство за убавина на камили во Мзајен, натпревар кој се одржува во катарската пустина на околу 25 километри оддалеченост од Доха и Светското фудбалско првенство. Таа победи стотици други камили во прелиминарните рунди на настанот дизајниран да ја претстави традиционалната култура кај посетителите на Светското првенство, спонзориран од Министерството за спорт и млади, во соработка локалниот организациски комитет на Светското првенство.
Наза’а беше една од 15-те камили кои се натпреваруваа за круната, украсени со огрлици од скапоцени камења.
„Мислам дека нашата камила е подобра од Роналдо и Меси“, се пошегува Џасим ал Кувари, дел од семејството кое е сопственик на Наза’а.
Овие настани се одржуваат редовно низ Блискиот Исток, каде што луѓето одгледуваат камили со генерации.
„Ова е нашата култура. Ова е од многу одамна, од нашите татковци и дедовци“, вели Ал Кувари. „Денес е натпревар, натпревар за убавина. Ни се допаѓаат овие камили. Им даваме имиња. Тоа е како семејство“.
Главната атракција се чистокрвните женски камили. Натпреварувачите вртат неколку кругови пред трибината на навивачи кои навиваат за својот миленик. Има и натпревар за молзење, при што наградата оди кај камилата што дава најмногу млеко. Во персоналиот има и доктор кој се грижи на животните да не им се става филер или ботокс за да бидат поубави. Минатиот декември десетици камили беа дисквалификувани од фестивалот на камили на кралот Абдулазиз во Саудиска Арабија поради козметички подобрувања. Победниците, второпласираните и третопласираните камили добиваат трофеи. Сопствениците на Наза’а заработија 55.000 долари.
„Од дете сум со камили и нивните натпревари“, рече сопственикот на камили Хамад ал Грејси. „Камилите беа тука пред авионите и автомобилите. Тие беа наречени бродови на пустината. Со современите возила камилите станаа помалку популарни, но сепак имаат големо место во нашата култура“.