НЕКОГАШ РАСКОШНИОТ ХОТЕЛ „ЈУГОСЛАВИЈА“ ВО БЕЛГРАД СТОИ НАПУШТЕН, ИСКРШЕН И ВО ЃУБРЕ ДОДЕКА СЕ ЧЕКА НЕГОВО УРИВАЊЕ

    НЕКОГАШ РАСКОШНИОТ ХОТЕЛ „ЈУГОСЛАВИЈА“ ВО БЕЛГРАД СТОИ НАПУШТЕН, ИСКРШЕН И ВО ЃУБРЕ ДОДЕКА СЕ ЧЕКА НЕГОВО УРИВАЊЕХотелот со поглед на Дунав беше оштетен во НАТО бомбардирањето на Србија во 1999 и потоа само делумно беше реновиран (Фото: АП)

    Легендарниот хотел „Југославија“ во Белград, еден од симболите на прогресот во некогашна Југославија, денес стои во морничава тишина во очекување да биде урнат. Кога беше изграден во 1960-тите, хотелот беше водечки пример на модернистичката архитектура, но беше занемарен и за неговата иднина се водат жестоки дебати во српската јавност.

    Белата фасада на објектот ја нагрдуваат распаднат бетон и графити. Внатре, ѓубрето е расфрлано на некогаш чистите подови покриени со црвен тепих, а парчиња скршен мебел го навестуваат раскошот што некогаш ги исполнувал неговите соби и предворје. Избледени кадифени фотелји, искинати душеци на кревети, виснати завеси и скршени прозорци се она што останало од некогашниот луксуз. Претседателскиот апартман во кој престојувале светски државници сега е дом на гулабите кои летаат низ скршените стакла.

    Кога беше изграден во 1960-тите, хотелот беше водечки пример на модернистичката архитектура (Фото: АП)

    На својот врв, откако ги прими првите гости во 1969, хотелот со пет ѕвезди го красеше еден од најголемите лустери на светот, со 40.000 кристали „сваровски“ и 5.000 сијалици. Меѓу гостите кои престојувале тука се кралицата Елизабета Втора, американските претседатели Ричард Никсон и Џими Картер, првиот човек на Месечината Нил Армстронг и членови на други кралски семејства.

    Хотелот со прекрасен поглед на Дунав беше оштетен во НАТО бомбардирањето на Србија во 1999 и потоа само делумно беше реновиран. Гости примаше до пред неколку месеци, кога приватни инвеститори ги објавија своите планови за уривање на хотелот. На негово место треба да се градат две згради високи по 150 метри, кои ќе содржат луксузен хотел, деловни простори и приватни станови.

    Хотелот до пред неколку месеци примаше гости, а сега е депонија (Фото: АП)

    Запрашан зошто хотелот мора целосно да се урне, Живорад Васиќ, портпаролот на инвеститорот, вели дека има повеќе причини за тоа.

    Како прво, за време на бомбардирањето во 1999 голем дел од хотелот беше уништен. Второ, хотелската индустрија целосно се промени. Кога ќе ги погледнете хотелите некогаш и сега, тие се целосно различни“, кажа Васиќ.

    На негово место треба да се градат две згради високи по 150 метри (Фото: АП)

    Белграѓани кои живеат во тој реон не се среќни што хотелот ќе го заменат облакодери, па одржуваат неделни протести, велејќи ако биде потребно, ќе го спречат уривањето со своите тела.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира