Светски познатиот писател Паоло Коелјо ја избришал првичната верзија од книгата за деца на која работел со кошаркарот Коби Брајант, кој загина во хеликоптерска несреќа во неделата.
Бразилскиот автор на голем број бестселери објави дека со Брајант, кој бил голем обожавател на неговата книга „Алхемичарот“, работеле заедно на книга за деца, но дека ќе ја избрише, бидејќи „книгата ја изгубила својата смисла“.
„Драг Коби, ти беше повеќе од одличен кошаркар. Многу научив соработувајќи со тебе“, рече Коелјо.
Писателот објави дел од разговорот со Брајант од минатиот август, кога кошаркарката легенда и петкратен шампион на НБА му предложил заедно да напишат книга.
„Во секое време“, му одговорил Коелјо, кој доби голем број молби од обожавателите низ светот да ја доврши книгата во негова чест.
Коелјо изјави дека Брајант сакал неговата книга да биде позитивен пример за сиромашните деца, да им покаже дека може да ги надминат проблемите преку спортот. Преку неговата мултимедијална компанија, соработувал со писатели за да објават повеќе книги за деца, комбинирајќи ги спортот и магијата.
„Некој ден, можеби ќе напишам книга за работите кои ги научив од Коби и колкаво големо срце имаше. Но, детската книга повеќе нема смисла“, изјави писателот.