НЕОСТВАРЕНАТА ЉУБОВ НА АЦЕ АБАЏИЈАТА КОН УБАВАТА БЛАГУЊА ЈА СОЗДАЛА ПЕСНАТА „БЛАГУЊО ДЕЈЧЕ ПОЖАРАНЧЕ“

    НЕОСТВАРЕНАТА ЉУБОВ НА АЦЕ АБАЏИЈАТА КОН УБАВАТА БЛАГУЊА ЈА СОЗДАЛА ПЕСНАТА „БЛАГУЊО ДЕЈЧЕ ПОЖАРАНЧЕ“Гробот на Благуња Бошњаковска Пожаранка е пронајден на тетовските гробошта, веднаш до црквата Св. Димитрија (Фото: СДК.МК)

    Тетово отсекогаш имало убави жени. Но, за разлика од сега, тетовци во почетокот на минатиот век знаеле убавите тетовки да ги опеат во песни, кои и денес претставуваат бисери на народното творештво. Тие тогашни надалеку чуени убавици Трпана, Епса Димушева, Ѓорушица и други биле вистинска инспирација за народниот гениј. Иако тие песни најчесто зборуваат за неостварената љубов на овие убави тетовки, народната песна со децении го зачувала споменот за нив и за Тетово од тоа време.

    Иако биле убавици, судбината на овие тетовки не била ни малку лесна и речиси на сите им била иста, кога станува збор за љубовта. Во тие времиња жената немала право на избор и за кого ќе се омажи, одлучувал таткото на семејството. Таква била и судбината на Благуња Бошњаковска Пожаранка, една од најубавите тетовки од тоа време. Нејзините убавина и неостварена љубов со Аце Абаџијата е опеана во песната „Благуњо дејче пожаранче“.

    Благуња била родум од гостиварското село Пожаране и била трето дете на Никола Ѓолов, поранешен печалбар во Влашко. Таа имала двајца браќа, Захарија и Александар, кој во тоа време важел за исклучително бистро дете. Тоа создало љубомора кај некој Турчин, кој не можел да се помири со тоа дека некое дете ‘ѓаурче‘ има толку многу ‘акал‘, па сериозно размислувал да го убие. Тоа го загрижило таткото Никола, па решил децата да ги прати во Тетово кај роднини. По некое време, Захарија заминал во Москва на студии, а Александар во Цариград во гимназија, па на Сорбона во Париз студирал право. По завршувањето на студиите, од властите во Белград бил упатен на дипломатска работа во Франција, Швајцарија, Австрија и Турција.

    Маалото Горна Чаршија каде што живеела Благуња и црквата „Света Богородица“ (Фото: СДК.МК)

    „Благуња била родена на 11 април 1889 и била најмалото дете на Ѓолови. Набрзо, и таа станала убава и стројна мома. Се загледувале во неа беќарите од Пожаране, но и Турците кои доаѓале во селото, а тоа многу го загрижувало татко ѝ Никола. Братот Александар, кој тогаш бил дипломат во Франција, му пратил писмо, во кое го посоветувал да ја заштити Благуња, бидејќи постоела опасност поради нејзината убавина да биде грабната од Турците. Никола го послушал и во првите години од 20. век продал сѐ што имал во Пожаране и купил куќа во Тетово, во Горна Чаршија“, раскажува писателот Владо Кочоски, кој судбините на тетовските убавици опеани во народните песни ги преточил во книгата „Песни и судбини“.

    Кога Благуња дошла во Тетово, набрзо низ градот се раширила веста дека „од некое село гостијарско дошло некое дејче многу убоо“. Благуња брзо ги прифатила градските манири, почнала да се дружи со Трпана Јаковчева и Епса Димушева, исто така познати тетовски убавици од тоа време, за кои ќе бидат испеани најубавите тетовски народни песни.

    „На десната страна од реката Пена, во еден абаџиски дуќан, работел калфата Аце, висок, строен, со преубаво лице, во кој многу се загледувале тетовските моми. Прикажувањето на чираците дека во градот дошло некое многу убаво девојче од Пожаране предизвикало љубопитност кај Аце да ја види Благуња. Една недела, на службата во црквата Св. Богородица дошла и Благуња. Кога ја видел, Аце се штрекнал, била многу, многу поубава отколку што си ја замислувал. Не можел очи да оттргне од неа. Ја видел потоа уште многу пати. Почнал преку комшиските деца да ѝ праќа шеќерчиња и убави црвени тетовски јаболка, а неговиот копнеж по Благуња од ден за ден растел. Се решил да ѝ прати стројници. Но, одговорот на татко ѝ Никола бил негативен. Всушност, Никола, кој во тоа време важел за еден од побогатите луѓе, не сакал да ја даде својата миленичка за некој сиромав абаџија“, продолжува да раскажува Кочоски.

    По ова, Аце целосно се променил. Другарите ја виделе неговата болка, па испеале песна, со која го задевале, а навечер ја пееле под прозорецот на Благуња.

    Благуњо дејче, мори пожаранче

    отвори ми џамли пенџер

    сакам да те видим ја

    Ќе продадам брза коња

    само да те видим ја

    Еј, ѓиди, Аце море абаџија, ајде,

    што д`отворам џамли пенџер

    когај не те сакам ја.

    „Но, не бил само Аце Абаџијата вљубен во Благуња. Братот Александар од странство порачувал Благуња да се омажи во угледно и богато семејство. И додека Аце копнеел по неа, Благуња ненадејно ја посвршиле за Димета Бошњак, кој во тоа време бил на печалба во Влашко, а свадбата била есента 1905 година. На денот на свадбата, Аце направил уште еден обид да ја придобие Благуња. Преку другарите нарачал на денот на свадбата чалгиите да ја испеат песната ‘Благуњо дејче пожаранче‘, но ни тоа не помогнало. Младоженецот Диме не само што не се налутил, туку ја дарувал музиката со многу пари. Набрзо по мажачката на Благуња, се оженил и Аце, но љубовта кон Благуња останала и секојдневно му ја грицкала душата. Умрел млад во најубавите години од животот. Но, и судбината на Благуња со Диме не била лесна. Првите шест деца им умреле. Дури седмото дете, Дукадинка, останало живо, а по неа се родиле и Јорданка, Марица, единствениот син Живко и Јелица. Благуња проживеала 67 години. Била весела жена и горда што за неа е испеана една од најубавите македонски народни песни. Понекогаш и самата знаела да ја запее“, раскажува Кочоски.

    Истражувачот на тетовското минато Дарко Гавроски го пронашол гробот на Благуња на тетовските гробошта, веднаш до црквата Св. Димитрија. На надгробната плоча е и сликата на Благуња. Иако сликана во поодминати години, се гледа дека и тогаш била вистинска убавица.

    „На надгробната плоча убаво стои дека нејзиното име е Благуња, а не Благуна, како што често се слуша во поновите препеви на оваа народна песна. Не знам дали некој некаде деновиве го прослави нејзиниот 130. роденден. Ние овде се сеќаваме на Благуња, убавицата со која денес, при секое нејзино опевање, се обелува образот на Тетово“, вели Гавроски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира