НЛБ Банка донираше 150.000 евра на пет институции и организации кои помагаат ранливи и загрозени категории граѓани. По 30.000 евра добија Асоцијацијата за цистична фиброза, Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, Црвениот Крст на Град Скопје и Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“.
Проектот е дел од голема регионална донаторска акција на НЛБ Групацијата. Иницијативата произлезе токму од Групацијата која мотивирана од исклучителните деловни резултати остварени во првиот квартал од годинава и од желбата дел од добивката да ја насочи кон создавање одржлива иднина за сите, одлучи да донира вкупно 1,35 милиони евра на сите пазари каде што е присутна. Вработените во целата НЛБ Групација номинираа близу 100 организации, а потоа со гласање избраа повеќе од 30 приматели во целиот регион меѓу кои здруженија, хуманитарни организации и групи кои покриваат различни области: грижа за деца, грижа за социјално ранливите категории, семејства, стари лица, пациенти со ретки болести и др.
„Ние во НЛБ, одговорноста кон нашите клиенти, вработените и заедницата ја гледаме како наша мисија. Во исто време, добро знаеме дека не можеме сами да го промениме општеството на подобро, туку само здружени и заедно со поединци и организации кои веќе работат на општествено корисни проекти и создаваат подобар свет. Среќни сме кога помагаме, кога мотивираме и инспирираме на добри дела. И не само тука, туку и во целиот наш матичен регион за кој велиме дека не е само точка на мапата, туку наш дом. Им честитам на добитниците и искрено верувам дека овие донации ќе имаат позитивно влијание, ќе помогнат и ќе донесат радост на многу наши сограѓани“, рече претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка, Бранко Грегановиќ.
Ваквите активности, како што беше посочено и на настанот, ќе продолжат и во иднина, за да се подобри квалитетот на животот во регионот.