Федерален судија му порача на мажот кој го обвини оскаровецот Кевин Спејси за сексуален напад кога имал само 14 години да го открие својот идентитет, доколку сака да го продолжи судскиот процес во кој бара отштета од 40 милиони долари.
„Славата на Спејси го зголеми легитимниот интерес на јавноста за идентитетот на тужителот, познат само како Ц. Д.“, изјави судијата Луис Каплан.
Тој додаде дека 61-годишниот Спејси неправедно би бил оптоварен кога би морал да се брани против анонимен обвинувач.
„Ц. Д. изнесе сериозни обвинувања и со тоа го става својот кредибилитет во прашање. Тој мора да биде подготвен јавно да застане зад своите обвиненија“, кажа судијата, давајќи му рок од десет дена да го каже своето име јавно.
Ц. Д. изјавил дека имал само 12 години кога првпат го запознал Спејси во 1981, како ученик на неговите часови по глума во Њујорк. Тој вели дека почнале сексуална врска две години подоцна, што завршило кога тој се спротивставил на обидите на Спејси да пенетрира во него.
Пред неколку години, Спејси беше обвинет и од актерот Ентони Рап за недолично сексуално однесување кога тој имал 14 години. Рап исто така бара отштета од Спејси.