„Кога би зборувал за најдрагите сеќавања за Македонија, за Владимир Милчин и за Слободан Унковски, тоа, ќе зафати едно цело поглавје во книга“, вели на почетокот од разговорот за САКАМДАКАЖАМ.МК еден од најпопуларните екс-ју глумци, Жарко Лаушевиќ.
Легендарниот црногорски актер и писател, познат по филмовите како „Хасанагиница“, „Игмански марш“, „Лазар“, „Јагоди во грло“, „Доброволци“, „Убавината на порокот“, „Шмекер“ „Сив дом“, „Офицер со роза“, „Лето“, „Црн бомбардер“, „Кажи зошто ме остави“ е гостин на второто издание на филмскиот фестивал Киненова во Скопје, кој утре, на отворањето во 20 часот во киното „Милениум“ ќе му ја врачи специјалната награда за придонес во филмската уметност.
Неговата богата кариера беше прекината во 1993 година, кога беше осуден за двојно убиство во Црна Гора, по трагедијата кога тој и неговиот брат беа нападнати од група насилници и Жарко, бранејќи се себе и брата си, пукал во двајца од толпата, а трет беше тешко ранет. Беше осуден на 15 години затвор, а кога тогашниот Сојузен суд ја укина пресудата, Лаушевиќ повторно беше изведен на суд во февруари, 1998 и осуден на 4 години затвор. Бидејќи уште пред да му биде изречена пресудата, одлежа четири и пол години, беше пуштен на слобода и замина за САД. Следеа нови обвинувања и казни, но во 2011 година беше помилуван од тогашниот српски претседател Борис Тадиќ, а прв пат дојде во Србија во 2014.
Говорејќи за соработката и претставите со македонските режисери „Театарски илузии“ (1990 ), „Хрватски Фауст“ (1982) и „Свети Сава“ (1990 ) , актерот вели со радост се сеќава на големото разбирање и бескрајното взамено почитување.
Лаушевиќ откри дека за Македонија го врзува и неговата втора сопруга Анита, а со новинарите сподели интересен податок, дека ноќта кога бил уапсен, во себе го имал сценариото за најнаградуваниот македонски филм „Пред дождот“ на Милчо Манчевски.
Љубезен и расположен за разговор, Лаушевиќ ни раскажа за новата српска серија „Сенки над Балканот“ која во Србија ќе се емитува од крајот на месецов. Режисер е Драган Бјелогрлиќ, а во серијата како копродуцент учествува и Томи Салковски.
„Мислам дека серијата ќе предузвика различни реакции затоа што се работи за еден човек, за чија животна приказна јавноста не е доволно запознаена. Тоа е човекот кој требало да биде крал на Србија, но после некои политички интриги и манупалици, и семејни и меѓународни односи, нему му е направена ситуација да мора самоиницијативно да се одрече од престолот. Тоа за овие простори е интересно затоа што имал дијаметрално спротивни ставови за формирањето на Југославија, таква каква што била и спрема воените доктирни во Првата светска војна“, вели тој за ликот на принцот Ѓорѓе Караѓорѓевиќ.
Со Бјелогрлиќ првично се договарале за поголема улога но поради тајминг, како и заинтересираноста на Лаушевиќ за карактерот на принцот, лесно се договориле да го игра принцот. Годинава игра во уште две серии, „Пет“ на Балша Џога, и „Корени“ по мотиви на Добрица Ќосиќ, а го сними и филмот „Воља на синовите“, на дебитантите Страхиња Маџаревиќ и Немања Чераниќ.
Лаушевиќ вели дека само еднаш играл во театарска претстава во Њујорк , во 2000 година , „Емигранти“ на неговиот српски колега Жељко Димиќ и таа се извела 15 пати низ САД. По пауза од 17 години, актерот оваа година се враќа в театар, и тоа во Србија за претставата „Хадерсфилд“. Претходно ликот на таткото, го играле легендарните Јосиф Татиќ и Миша Јанкетиќ.
„Прифатив да ускокнам наместо Миша Јанкетиќ, кој поради здравствени проблеми мораше да ја откаже турнејата во САД и Канада. Ми е огромно задоволство да сум со такви одлични колеги на сцена, Воин Ќетковиќ, Небојша Глоговац и Дамјан Кецовиќ. Ништо не е променето за овие години, и порано работев на филмови со нив, немавме никакви проблеми. Тие ми помогнаа што полесно да ја поминам тремата која беше неизбежна после 17 години. Голема пауза е тоа, поинаку е кога сте пред камера па имате само апарат и може да се вратам да променам. Пред стотина луѓе на сцена нема враќање назад“, кажа глумецот.
Околу ликовите и проектите во Србија и во САД, како ги бира, тој вели:
„Не работам во САД затоа што, според улогите кои ми беа нудени, сакам да си го задржам интергритетот. Да играм улоги кои ќе ја плукаат мојата нација, за што Холивуд се специјализираше во последно време, навистина не сакав и ги одбивав. А друго ништо не ми беше нудено (ха,ха). Во Србија пак, бирам, сакам да ме заинтригира, да биде интересно за мене“.
Лаушевиќ последниве години напиша две книги , „Годината поминува, денот никогаш“ и „Втора книга: Дневникот на едно ропство“, а ја пишува и третата книга.
Го прашавме што му е полесно, да глуми или да пишува, па вели: „Глумата е колективен спорт, сликарството и пишувањето се нешто каде човек е сам исправен пред хартијата. Пред тој предизвик, чиј исход зависи од расположението. А овој колективен спорт, кој се вика театар или филм е нешто што не ве прашува колку сте инспирирани во тој момент, сега почнува, кадар, сцена и магијата почнува“.
Б. НЕСТОРОСКА