Со денови и непроспиени ноќи, велешките жени создаваат уметност од конец. И тоа со игла, чингелакија, трпеливо, а зад себе оставаат голем број рачни изработки. Тие беа изложени на Фестивалот на питата и виното, каде организаторот сакаше да ја афирмира вредната велешка жена.
Една од нив беше Цеца Србова, која изложи рачни изработки плетени блузи, џемпери, шалчиња, фустани, сѐ од тенок конец.
„Научив да плетам на 10 години. Гледав како работат жените од маалото, земав чингелакија и конец и почнав. Плетам и сега, уживам, плетам и ноќе, плетењето ми е најголем одмор, само да имам конец до мене. Младите сакаат да носат, но не знаат да работат. Изработките ги подарувам за деца кога се раѓаат и за свршувачка“, рече Србова.
Таа вели дека тоа е тешка работа, котелец, по котелец да создадеш дело, кое е уметност, а кое малку се цени во земјава, но во странство е барано. Таа додава дека била вработена во велешка „Порцеланка“, како декоратер, каде 25 години работела по 30 сервиси дневно.
„ Со четка, со слободна рака, цртав фигури, сервиси за ручање, за колачи. На сите сервиси, моја изработка е бројот 3, и кога ќе отидам некаде на гости и кога ќе видам тој број, тоа ме прави среќна, што сум оставила трага“, кажа Србова.
До неа на штандот беше Велика Гелева. Таа изложи детски работи, блузи, болера, плетени на една и две игли и на чингелакија.
„Преокупација ми е изработка на детска облека. Љубовта кон плетењето ја имам од мали нозе. Прво научив да плетам, па потоа да читам. Учев од мајка ми и баба ми, крадев знаење од нив. Ме исполнува, додека плетам, заборавам на се и работам со љубов. Рачната изработка е скапа, помалку се купува кај нас. Изработеното не е за комерцијална продажба, работам за своја душа и го подарувам. Тешко е, но со љубов и вешти раце се може“, рече Гелева.
Македонка Иванова ги изложи рачните изработки, за кои вели дека со децении ги чува дома.
„Овие прекривки можат да се користат во дневни соби, трпезарии. Изработките не губат мода и секогаш се добредојдени да се постават. Младите слабо ги користат, тоа е голема грешка, велат било демоде“, рече Иванова.
Нејзините изработки не беа на продажба, туку вели дека ќе им остави на внуките.
П. ПЕЧКОВ