ОХРИД ЧЕТИРИ ГОДИНИ ГО ОДБЕЛЕЖУВА ДЕНОТ НА РИБАРИТЕ СО ЧОРБА ОД МОРСКА РИБА ОТИ Е ПОЕВТИНА ОД ОХРИДСКАТА

    ОХРИД ЧЕТИРИ ГОДИНИ ГО ОДБЕЛЕЖУВА ДЕНОТ НА РИБАРИТЕ СО ЧОРБА ОД МОРСКА РИБА ОТИ Е ПОЕВТИНА ОД ОХРИДСКАТАНа градскиот кеј во Охрид беа зготвени околу 2.500 килограми чорба од околу 500 килограми морска риба. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Охрид веќе четврта година го одбележува Денот на рибарите со правење чорба од морска риба, бидејќи таа е поевтина од охридската, а и нема веќе кој да лови пастрмка, плашица и други автохтони риби што живеат во Охридското Езеро. Пред тоа се правеше од плашица и пастрмка.

    „Неодговорно е со чорба од морска риба да се одбележува Денот на рибарите. Се знае кои се автохтони риби во езерото. Знам дека осличот и скушата се најевтини за организаторот, но тоа не е во духот на охридската традиција на одбележување на овој ден. Пред некоја година дури имаше обид да се влезе во Гинисова книга на рекорди со правење на најголема количина морска риба. Тоа беше зачудувачки, кога знаеме дека во нашето опкружување има неколку земји кои излегуваат на море. Ние треба да влеземе во Гинис со автентична охридска чорба”, вели Радован Димитриевски, претседател на здружението „Јадрански слив”.

    Тој додава дека пропаднала идејата на овој ден да се организира и фестивал на рибата.

    „Ние сакавме по Денот на рибарите, во Охрид да се организира и фестивал на рибата. Да учествуваат рибари од регионот, да има натпревар во ловење риба, да се прават специјалитети од охридска риба и да се презентира риболовна опрема. Но, сето тоа остана само желба, бидејќи изминативе години немавме поддршка. Таков фестивал ќе привлечеше во Охрид и поголем број гости од земјава и од странство”, кажува Димитриевски.

    На градскиот кеј во Охрид беа зготвени околу 2.500 килограми чорба од околу 500 килограми морска риба.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира