ОХРИДСКАТА ПАСТРМКА И ПРЕСПАНСКИОТ КРАП СЕ ДЕЛИКАТЕС И ВО МАКЕДОНИЈА И ВО АЛБАНИЈА, НО ВО НАШИТЕ РЕСТОРАНИ СЕ МНОГУ ПОСКАПИ

    ОХРИДСКАТА ПАСТРМКА И ПРЕСПАНСКИОТ КРАП СЕ ДЕЛИКАТЕС И ВО МАКЕДОНИЈА И ВО АЛБАНИЈА, НО ВО НАШИТЕ РЕСТОРАНИ СЕ МНОГУ ПОСКАПИКилограм охридска пастрмка е за 700 денари поевтина во крајбрежните ресторани во Албанија (Фото: СДК.МК)

    Охридската пастрмка и преспанскиот крап, препознатливи риби за Охридското и Преспанското Езеро, се исти, без разлика од која страна на границата ги јадете, но во рестораните се нудат по сосема различни цени.

    И додека во Охрид, во зависност од ресторанот, достигнува цена од 2.700 до 3.000 денари за килограм, во Албанија, охридската пастрмка во рестораните покрај езерото е 700 денари поевтина и чини 2.100 денари.

    Поради затворените граници со Грција и тестовите за коронавирус потребни Црна Гора и Хрватска, на македонските туристи ова лето им остана да го истражуваат албанското крајбрежје од охридска и преспанска страна. Килограм пастрмка во Тушемиште, најблиското место до Свети Наум од другата страна на границата, а и во Поградец чини 2.100 денари, а гостите можат да платат во денари. Притоа можат да се снабдат со зеленчуци, лешници и бадеми кои локалните жители ги продаваат по ниски цени.

    Тушемиште е најблиското место до Свети Наум од другата страна на границата (Фото: СДК.МК)

    Слична е состојбата и во Преспа. Килограм крап во Зрноско, од албанска страна на Преспанското Езеро, чини 500 денари, а во Македонија двојно повеќе. Во Албанија, двајца можат да ручаат крап со салати, компир и домашно вино по цена од 1.500 денари. Еден таков ручек од наша страна би чинел најмалку 2.500 денари, а можеби и повеќе, ако се пие поскапо вино.

    Патот од граничниот премин кај Стење е реновиран и нов, само што потоа до Зрноско е лош, раскопан и стар, но се минува со автомобил за пет-шест минути. По охридското крајбрежје од албанска страна има асфалтирани патишта од граничниот премин кај Свети Наум до другиот кај Ќафасан. Кога, пак, ќе се премине на македонски терен кај Струшко, сите табли покрај патот се оштетени и имињата на местата се пречкртани, па доколку некој не го знае добро теренот, може лесно да се изгуби.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира