ОСАМЕНО ФЛАМИНГО СЕ ПОЈАВИ ВО ПРЕСПА МЕЃУ СТЕЊЕ И КОЊСКО

    ОСАМЕНО ФЛАМИНГО СЕ ПОЈАВИ ВО ПРЕСПА МЕЃУ СТЕЊЕ И КОЊСКОНовите островчиња и проширените појаси со трска кои се појавија на Преспанското Езеро со повлекувањето на вoдата се рај за птиците. Фламингото се појави во близината на паркот Езерани каде што во средината на август се појавија пет розеви фламинга. (Фото: СДК.МК - аматерска фотографија)

    Туристите во преспанското село Стење деновиве имаат несекојдневна можност да уживаат крај езерото во друштво на фламинго. Семејството Митревски, кое сними фотографии и ги испрати до нашата редакција, кажува дека фламингото кое има бела боја го гледаат веќе неколку денови во трските и во плитките езерски води.

    „Бевме во потрага по плажа каде нема да има тиња, па откривме едно место малку оддалечено од главната плажа во Стење. Таму, поради повлеченото езеро, формирани се островца со песок. Си направивме плажа на едното од островцата, кога гледаме подалеку – фламинго. Нè зачуди тоа што бојата му е бела, но потоа читавме дека не секогаш се розови и не на сите возрасти, а и дека врз бојата влијае и исхраната“, велат Митревски.

    Така им почна дружбата со птицата на плажата која се наоѓа меѓу Стење и Коњско. Последниве неколку денови редовно ја гледаат како шета низ езерската вода или ја прелетува.

    „Птицата е сама, а читавме пред неполн месец дека имало пет фламинга во Преспа. Па, се прашуваме дали таа го загуби јатото и остана овде? Или пак е некоја друга која исто така остана сама при миграцијата, при преселбата. Ние си ја нарековме осамено фламинго од Преспа“, велат Митревски.

    Стење е во близина на паркот на природата Езерани, каде кон средината на август годинава беа забележани пет розови фламинга. Тогаш од Македонското еколошко друштво (МЕД) соопштија дека нискиот водостој и широките појаси со трска им овозможува соодветни услови за одмор и храна за време на миграцијата. Од МЕД посочија дека фламинга досега во неколку наврати биле забележани во нашата земја, а во 1990-те година исто така во Езерани. Тие обично се гнездат во Грција, Албанија и Црна Гора, па можно е при миграцијата тука да одмараат, особено што островчињата и широките појаси трска им даваат чувство на безбедност затоа што се подалеку од луѓето.

    Преспанци кажуваат дека има нови островчиња и проширените појаси со трска кои се појавија на Преспанското Езеро со повлекувањето на вoдата, а во последно време се рај за птиците. Јата од птици прелетуваат низ езерото и одмараат на островите од земја и камења што се издигаат над водата поради нискиот водостој. Преспанци велат дека бројот на причји јата е во пораст во последните години.

    Во Преспа има 216 видови на птици забележани во Паркот на природата Езерани или 66 проценти од вкупниот број на птици во земјава. Тоа пак е 42 отсто од птичјата популација во Европа.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира