ОТКРИЕН НАЈСТАР ЦРТЕЖ ОД ПРЕД 73 ИЛЈАДИ ГОДИНИ ВО ПЕШТЕРА ВО ЈУЖНА АФРИКА

    ОТКРИЕН НАЈСТАР ЦРТЕЖ ОД ПРЕД 73 ИЛЈАДИ ГОДИНИ ВО ПЕШТЕРА ВО ЈУЖНА АФРИКААртефактот од Јужна Африка го надминува цртежот од Европа стар 30 илјади години за кој досега се веруваше дека е најстар (Фото: Њујорк тајмс )

    Девет црвени линии на парче камен најден во Јужна Африка се можеби најстариот цртеж нацртан од човек, соопштија археолозите од Универзитетот во Берген, Норвешка. Артефактот, за кој научниците претпоставуваат дека е стар 73 илјади години, го надминува цртежот од Европа стар 30 илјади години за кој досега се веруваше оти е најстар.

    „Знаеме за многу работи кои човекот можел да ги направи, но не знаевме дека пред толку години знаел да црта“, изјави археологот од Универзитетот во Берген, Норвешка, Кристофер Хенсхилвуд, кој е и водач на истражувањето.

    Откритието, кое беше објавено во „Природа“, може да продре длабоко во потеклото на користењето на симболи во човештвото, што ги поставило основите за јазикот, математиката и цивилизацијата.

    Цртежот беше пронајден во пештерата Бломбос, на 320 километри од Кејптаун. Археолозите го датираат локалитетот од пред 70 илјади до 100 илјади години, за време на средното камено доба. Во пештерата, научниците нашле и човечки заби, копја, орудија од коска и мониста направена од школки.

    „Знаеме за многу работи кои човекот можел да ги направи, но не знаевме дека пред толку години знаел да црта“, вели археологот од Универзитетот во Берген, Норвешка, Кристофер Хенсхилвуд (Фото: Приватна архива на Хенсхилвуд)

    Научникот од Универзитетот Витватерсранд во Јоханесбург, Јужна Африка, Лука Полароло, во 2001 година, чистејќи артефакти на локалитетот, наишол на мал предмет од околу 15 см, на кој изгледало дека нешто е нацртано. Ознаките се состојат од шест прави, речиси паралелни линии кои низ кои дијагонално преминуваат три речиси заоблени линии.

    „Претходно имав видено десетици илјади артефакти, но тогаш за првпат видов црвени линии на камен. Не ми се веруваше што држам во рацете“, вели Полароло.

    Тој ги побарал Хенсхилвуд и Карен ван Ниекерк, исто така археолог од Универзитетот во Берген, и тие се согласиле дека каменот треба многу да се испитува. Го однеле предметот во Франција, кај археологот од Универзитетот во Бордо, Франческо д’Ерико. Тогаш научниците требало да утврдат дали црвените линии се нацртани на каменот, а ако не се, тогаш од каде потекнуваат.

    Цртежот беше пронајден во пештерата Бломбос, на 320 километри од Кејптаун (Фото: K. Хенсхилвуд )

    Користејќи микроскоп, ласер и електронски микроскоп за скенирање, увиделе дека ознаките се на врвот на каменот и дека се направени од црвен окер, вид на природен пигмент кој често бил користен за праисториските цртежи во пештерите.

    „Тогаш требаше да дознаеме, како настанале тие линии. Дали биле насликани или нацртани“, вели Ниекерк.

    Тие направиле окер боја и ја ставиле на дрвена четка и нацртале линии на парче камен за да ги споредат со примерокот. Направиле и окер креда и нацртале линии на друг камен. Кога ги споредиле, утврдиле дека античкиот примерок е цртеж, не слика, нацртан со окер креда .

    Според Хенсхилвуд, разликата помеѓу слика и цртеж е огромна, бидејќи окер бојата се суши. Тоа ја прави помалку употреблива отколку кредата, која била користена од луѓето за да цртаат симболи.

    Хенсхилвуд и неговиот тим докажале дека црвените линии биле нацртани на рамна површина, што покажува дека парчето бил дел од поголем камен кој праисториските луѓе веројатно го користеле за да го толчат окерот.

    Археолозите не можат со сигурност да потврдат која е целта на цртежот и дали има некакво значење, но и за тоа имаат свои претпоставки.

    „Увереден сум дека се повеќе од само обични ознаки. Мислам дека дефинивно е симбол и дека тука се крие некаква порака“, рече Хенсхилвуд.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари