ОТКРИЕНИ ОСТАТОЦИ ОД НАЈСТАРОТО КУЧЕ ОД ПРЕД 15.800 ГОДИНИ

    ОТКРИЕНИ ОСТАТОЦИ ОД НАЈСТАРОТО КУЧЕ ОД ПРЕД 15.800 ГОДИНИНовите генетски истражувања сега нудат вредни сознанија, меѓу кои и дентификувањето на најстарото познато куче, старо околу 15.800 години. (Фото: Нејчр)

    Кучињата се лојални придружници на луѓето откако ги припитомија како први домашни животни, потекнувајќи одамна од сивите волци, иако останува неразјаснето точно кога, каде и зошто тоа се случило. Новите генетски истражувања сега нудат вредни сознанија, вклучувајќи го и идентификувањето на најстарото познато куче, старо околу 15.800 години.

    Ова куче, познато од коски најдени во карпестото засолниште Пинарбаши во Турција, користено од древни ловци-собирачи, е околу 5.000 години постаро од претходно најстарото генетски потврдено куче, велат истражувачите. Откритието за кучето од Пинарбаши и неколку други речиси исто толку стари примероци откриени на други локации во Европа, покажува дека кучињата веќе биле широко распространети и составен дел од човечката култура илјадници години пред појавата на земјоделството.

    Новите откритија беа претставени во две научни студии објавени на 25 март во списанието „Природа“ (Nature).

    Вилијам Марш, истражувач во Лабораторијата за древна геномика при Институтот „Франсис Крик“ во Лондон и автор на едната студија, изјави дека ДНК доказите укажуваат оти кучињата биле присутни на различни места во западна Евроазија пред 18.000 години и веќе биле значително генетски различни од волците.

    „Претпоставуваме дека популациите на кучиња и волци се разделиле многу порано, веројатно пред последниот глацијален максимум (во Леденото доба), односно пред повеќе од 24.000 години. Иако, сепак, постои значително ниво на неизвесност“, рече Марш.

    Кучето, кое потекнува од древна популација волци различна од современите волци, било првото животно припитомено од човекот, додека животни како кози, овци, говеда и мачки биле припитомени подоцна.

    „Кучињата биле покрај нас додека луѓето поминувале низ големи промени во начинот на живот и се појавувале сложени општества,“ изјави генетичарот Андерс Бергстром од Универзитетот во Источна Англија, главен автор на другата студија. „Мислам дека е интересно што, за разлика од повеќето други домашни животни, кучињата не секогаш имаат јасно дефинирани улоги или цели за луѓето. Можеби нивната примарна улога често е едноставно да обезбедуваат дружење“, додаде Бергстром.

    Бергстром и неговиот тим спроведоа големо истражување за кучињата во Европа, користејќи нов метод за генетско разликување меѓу волци и кучиња кај 216 древни остатоци стари од 46.000 до 2.000 години, пронајдени во Белгија, Данска, Франција, Германија, Холандија, Шкотска, Шведска, Швајцарија и Турција. Ова е најголемото истражување од ваков вид досега.

    Истражувачите успеале да идентификуваат 46 кучиња и 95 волци. Бидејќи скелетите на кучињата и волците биле многу слични во раните фази на припитомувањето, потребни се генетски анализи за да се направи разлика меѓу нив кај древните остатоци.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира