ПАБЛО НЕРУДА НЕ УМРЕЛ ОД РАК КАКО ШТО Е ОФИЦИЈАЛНАТА ВЕРЗИЈА, УТВРДИ ЕКСПЕРТСКИ ТИМ И ЈА ПРОДЛАБОЧИ МИСТЕРИЈАТА

    ПАБЛО НЕРУДА НЕ УМРЕЛ ОД РАК КАКО ШТО Е ОФИЦИЈАЛНАТА ВЕРЗИЈА, УТВРДИ ЕКСПЕРТСКИ ТИМ И ЈА ПРОДЛАБОЧИ МИСТЕРИЈАТАТелото на Неруда беше ексхумирано во 2013 година за да се утврди причината за смртта. - Чилеанскиот поет зборува со новинари во 1971 година по добивањето на Нобеловата награда за литература (Фото: АП)

    Меѓународен тим од научници утврди дека чилеанскиот поет Пабло Неруда не умрел од рак или од неисхранетост, отфрлајќи ја официјалната причина за смртта на нобеловецот и продлабочувајќи ја една од најголемите мистерии во латиноамериканската земја.

    Сепак, форензичарите кажаа само од што не умрел Неруда, а не ја посочија вистинската причина за смртта и поради тоа, сѐ уште е жива дебатата дали бил убиен од агенти на генералот Аугусто Пиноче, набрзо откако тој ја презеде власта по пучот во 1973 година.

    Меѓународните експерти велат дека ќе продолжат да ги идентификуваат патогените бактерии кои што можеби ја предизвикале смртта на Неруда во обид да откријат дали некој друг е замешан.

    Поетот, кој имаше 69 години и страдаше од рак на простатата, почина во Чиле во хаосот што следуваше во пучот. Официјалната верзија е дека умрел од кахексија, изнемоштеност на телото поради хронична болест, во случајот рак.

    Телото на Неруда беше ексхумирано во 2013 година за да се утврди причината за смртта, но тогашните тестови не покажаа отрови во неговите коски. Неговата фамилија побара дополнителни испитувања.

    „Основниот заклучок е дека посмртницата не е валидна кога станува збор за кахексија како причина за смртта. Сѐ уште не можеме да исклучиме или да потврдиме дали станува збор за природна или насилна причина за смртта на Пабло Неруда“, кажа Аурелио Луна, еден од ангажираните меѓународни експерти.

    Неруда е најмногу познат по неговите љубовни песни. Но, тој беше и пријател на социјалистичкиот претседател на Чиле, Салвадор Аљенде, кој се самоуби место да им се предаде на војниците за време десничарскиот пуч предводен од Пиноче.

    Неруда беше трауматизиран од преземањето на власта од страна на војската и прогонот и убиствата на неговите пријатели. Планираше да се отсели од земјата и од странство да биде влијателен глас против хунтата на Пиноче.

    Сепак, еден ден пред планираното заминување, тој беше однесен со Брза помош во клиника во Сантјаго, каде што беше лечен од рак и други болести. Неруда официјално почина на 23 септември 1973 година од природни причини. Но, сомневањата дека хунтата е замешана во смрт останаа долго откако Чиле ѝ се врати на демократијата во 1990 година.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира