Париз објави лотарија со која на жителите им се нуди можност да освојат гробно место меѓу некои од најпознатите светски уметници, како Џим Морисон од „Дорс“, писателот Оскар Вајлд и легендарната француска пејачка Едит Пјаф.
Градските власти започнаа со реставрација на погребни споменици во преполните гробишта Пјер – Лашез, Монпарнас и Монмартр. Триесетте достапни надгробни споменици, од кои многу сега немаат препознатливи натписи, датираат од 19. век.
Победниците на лотаријата ќе добијат можност да купат и реставрираат една од 30-те гробници во три различни гробишта, а градското собрание ќе се согласи да ја изнајми соодветната парцела за погребување на оние кои ги исполнуваат одредени стандарди.
Надгробните споменици на кои им е потребна рестраврација се нудат за по 4.000 евра, под услов купувачите да ги реставрираат и да добијат парцела за погребување покрај нив.
Една гробница ќе биде достапна за купување за 4.000 евра, а добитниците ќе ги платат и трошоците за реставрација. Потоа ќе можат да купат закуп, чија цена започнува од 976 евра за 10-годишен договор и се зголемува на 17.668 евра за правото да се престојува таму засекогаш.
Пријавувањето за лотаријата се отвори на 3 ноември и ќе се затвори на 31 декември, при што секој учесник ќе плати такса за регистрација од 125 евра.
Одржувањето на надгробните споменици и спомениците на париските гробишта е одговорност на семејствата – а не на градот. Затоа, некои гробови можат да станат напуштени и запуштени со текот на времето. Но, отстранувањето на напуштените споменици може да се покаже како тешко бидејќи гробиштата се класифицирани како заштитени места на наследството.
Градот се надева дека оваа нова програма, која беше едногласно одобрена од Советот во април, ќе помогне во обновувањето на спомениците во познатите гробишта.
Гробиштата станаа и популарни туристички дестинации, делумно поради оние што почиваат таму.
Покрај Морисон, Пјаф и Вајлд, на Пјер-Лашез се погребани и францускиот писател Марсел Пруст и полскиот композитор Фредерик Шопен. Писателите Жан-Пол Сартр, Симон де Бовоар, Самуел Бекет се погребани во Монпарнас. Уметникот Едгар Дега, писателот Емил Зола и режисерот на францускиот нов бран Франсоа Трифо се погребани на Монмартр.
Нема информации дека некој од овие споменици е достапен за купување во рамките на програмата.
Советот на Париз соопшти дека програмата „претставува компромис помеѓу почитувањето на починатите и давањето можност на жителите да бидат погребани во градот“.




