Пејзаж насликан од Винстон Черчил, кој беше во сопственост на Анџелина Џоли, се продаде на аукција за над 11.5 милииони долари, и со тоа го сруши претходниот рекорд за уметничко дело од британскиот премиер. Сликата „Кулата на џамијата Кутубија“ (Tower of the Koutoubia Mosque) се продаде во „Кристис“ во Лондон за над 8 милиони фунти или 11.590.715 долари. Првичната цена беше од 1.5 до 2.5 милиони фунти. Претходно најскапо продадено дело од Черчил беше за 1.8 милиони фунти.
Сликата од џамијата од 12. век на зајдисонце во Маракеш, Мароко со планините Атлас во позадина, е дело кои има и политичка и холивудска историја. Черчил го насликал делото во јануари 1943 на Конференцијата во Казабланка, кога тој и американскиот претседател Франклин Д. Рузвелт го планирале поразот на нацистичка Германија. Двајцата лидери го посетиле Маракеш, и Черчил му ја подарил сликата на Рузвелт во спомен на патувањето.
По смртта на Рузвелт во 1945, неговиот син ја продал сликата, и имало уште неколку купувачи пред да стигне до Џоли и Бред Пит во 2011. Славната холивудска двојка се разведе во 2019, после тригодишни договарања за старателството над децата и поделбата на имотот, во која спаѓа и импресивна ументичка колекција.
Сликата ја продаде „Семејната колекција на Џоли“, но купувачот остана анонимен.