ПИОНЕРИТЕ НА ХАРД РОКОТ „ДИП ПАРПЛ“ СÈ УШТЕ ДОБРО СЕ ДРЖАТ НА СЦЕНА

    ПИОНЕРИТЕ НА ХАРД РОКОТ „ДИП ПАРПЛ“ СÈ УШТЕ ДОБРО СЕ ДРЖАТ НА СЦЕНАСлушнавме дел од класиците, но и две песни од новиот албум (Фото: А. Ситновски)

    Британската музичка институција „Дип парпл“ трет и, ако е за верување, последен пат ги отсвире своите антологиски хитови пред македонската публика на синоќешниот концерт во „Т арена“ во Скопје и потсети на својата огромна улога во обликувањето на рок музиката.

    Бендот кој, со еден мал прекин, издава албуми и настапува речиси шест децении и чии двајца членови се 80-годишници сѐ уште добро се држи на сцена. Можеби ја немаат живоста на „Ролинг стоунс“, но го надоместуваат тоа со виртуозноста во свирењето и со рифовите и рефрените познати на старо и младо. Како ретко кога, во публиката имаше распон на генерации „од седум до 77“.

    Роџер Гловер и Ијан Гилан со новиот гитарист Сајмон Мекбрајд (Фото: А. Ситновски)

    Слушнавме дел од класиците како „Highway Star“, „Hush“, „Black Night“ и неизбежната „Smoke on the Water“, на која се кренаа телефоните на 90% од присутните, а дека основоположниците на хард рокот не живеат во минатото, покажаа со изведбата на две песни од новиот, 24. албум „Splat!“, објавен оваа година.

    Ијан Пејс е најдолговечниот член на групата, од 1968 година (Фото: А. Ситновски)

    Годините, сепак, веќе им натежнуваат на членовите, па најновиот додаток на групата, 47-годишниот гитарист Сајмон Мекбрајд, на моменти доаѓаше во фронтменската позиција, а 81-годишниот пејач Ијан Гилан често се повлекуваше од бината. Неговото отсуство се надополнуваше со инструментални парчиња и со соло изведби на одделните членови, при што клавијатуристот Дон Ејри ја воодушеви публиката кога во својот сет ја вклучи и македонската химна.

    Гилан покажа дека сѐ уште може да ги пее класиците од 1970-тите (Фото: А. Ситновски)

    Концертот во Скопје, во организација на „Авалон“, беше меѓу првите од новата турнеја на „Дип парпл“, која официјално не е означена како проштална. Сепак, ако е навистина таква, ни беше чест што имавме можност уште еднаш да ја чуеме „Smoke on the Water“ лично од дел од нејзините творци.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира