Легендарниот српски пејач на народна музика Предраг Живковиќ Тозовац почина на 85 години, откако во изминатите недели се лекуваше од последиците на коронавирусот, потврдија од неговото семејство.
Тој почнал да се занимава со музика уште како десетгодишник, свирајќи на хармониката што ја наследил од татко му, кој бил убиен од Германците во 1941. Првите песни ги објавил во 1965 година, по завршувањето на студиите. Откако сними четири дуети со Силвана Арменулиќ, неговата популарност почна нагло да се зголемува во почетокот на 1970-ите, но и падна во немилост на властите поради контроверзната песна „Јеремија“, поради што привремено замина во Германија.
Тозовац беше голема телевизиска ѕвезда во бивша Југославија, а познати беа неговите соработки со Предраг Гојковиќ-Цуне, Мирослав Илиќ и Лепа Лукиќ.