ПРЕД 93 ГОДИНИ ВО ШТИП СЛЕТАЛ ПРВИОТ АВИОН, ШТИПЈАНИ ДАВАЛE ЦЕЛА ПЛАТА ЗА ЕДЕН ЛЕТ НАД ГРАДОТ

    ПРЕД 93 ГОДИНИ ВО ШТИП СЛЕТАЛ ПРВИОТ АВИОН, ШТИПЈАНИ ДАВАЛE ЦЕЛА ПЛАТА ЗА ЕДЕН ЛЕТ НАД ГРАДОТПрвиот авион во Штип слетал летото 1925 година. Според податоците првиот пилот што слетал бил украинецот Јуришченко. Подоцна кај населбата Три Чешми бил изграден спортскиот аеродром Сушево (архивска фотографија)

    Штип годинава одбележува 93 години откако над градот летал и слетал првиот авион и на 28 август 1925 година се одржал првиот аеромитинг во Македонија. Живи сведоци на тие настани и нема, но сета историја од тоа време останала запишана во записите на хроничарите низ годините. Ова лето одмина без никакво одбележување, затоа што активните членови пилотираат некаде низ светот.

    „Дел од доајените-членови на Аеро клубот ’25 Мај’ кој датира од 1924 година се починати. Ристо Бојаџиски важи за прв штипски пилот. Тој станал пилот во 1920-те години. Во 1920 го напуштил семејниот занает за бојадисување јамболии и слично и заминал за Белград на обука за пилот“, велат неговите внуци Ристе Бојаџиски, основен јавен обвинител во Штип, и неговиот брат Методи Бојаџиски, кој како правник живее и работи во САД.

    За еден лет над градот штипските занатечии платиле по цела плата само за да бидат првите кои летале со авион, а неколку месеци во околијата само за тоа се зборувало (архивска фотографија)

    Не е меѓу живите и првиот воен пилот од Штип Киро Аџиарсов, кој за време на Втората светска војна во БИХ и Црна Гора имал повеќе борбени летови. Тој заедно со вториот штипски пилот Тодор Михајлов-Тртка биле одбрани од Бар до Бари да префрлат многу важен товар на кралот Петар Караѓорѓевиќ, кој кога започнала војната пребегал во Англија. Подоцна се дознало дека тие пренеле еден тон злато. За да нема сведоци на транспортот биле пратени на борбени летови кон Египет. Авионот на Тртков бил срушен, а Аџиарсов успеал да преживее и атерирал во Египет. По војната се вратил во Штип, каде долги години бил инструктор за летови.

    „Во пензија заминаа и помладите пилоти и инструктори во Аеро клубот ’25 Мај’ , натурализираните штипјани Никола Петковски од Куманово и Борче Јанев од Битола. Од активните, Раде Ивановски денес пилотира патнички авиони во Африка, Лазар Камчев во САД, Стојан Здравев пилотира со владиниот авион, додека Александар Манев кој пилотираше во Украина сега за една авиокомпанија во Етиопија лета со авиони за прскање“, велат младите едриличари Метотка Стојанов и Мики Алексов.

    Поупатените штипјани со кои разговаравме велат дека ништо не е како порано и сите настани од минатото остануваат само еден убав спомен. Според нив, добра работа е што тие почетоци и сите настани со штипските пилоти, едриличари и падобранци се набележани во посебна монографија за Аеро клубот „25 Мај“ чиј автор е долгодишниот претседател, едриличар и воздухопловен моделар Тодор Кралев. Посебни автентични мемоари за тоа време има оставено и штипјанецот Љупчо Кадифков кој заедно со својот брат Ристо грижливо создале архива за овие настани и за занатечиството во Штип.

    Првиот падобрански скок во Штип биле изведен 1936 година. Тоа бил почетокот на создавање падобранска школа што досега ја поминале над 100 падобраници меѓу нив и Светлана Димова (архивска фотографија)

    „Како гром од ведро небо во 1925 година во Штип пристигнала веста дека во мај над градот под Исарот ќе лета и ќе слета авион, за првпат во Македонија. Штипјани не верувале, но биле вчудоневидени кога на 19 мај навистна над градот почнал да кружи авион. Бил многу бучен, го слушале од целата околија. По неколку круга над градот, авионот слетал на една ливада меѓу Ежово Брдо и просторот каде сега се наоѓа ТИР зоната и фабриката ‘Џонсон контролс’. За кратко време кај авионот се насобрале тутунарите од околните ниви и други стотина луѓе над чии глави авионот прелетал“,  зборуваше пред да почине Љупчо Кадифков.

    Ристо Бојаџиски во 19920-те години бил првиот штипски пилот во Кралството на СХС (архивска фотографија)

    Тој несебично ни ги остави мемоарите и фотографиите за да бидат споделени со пошироката јавност. Според неговите сеќавања, кога слетал првиот авион во Штип најголем интерес пројавиле занаетчиите кои барале авантура. Му рекле на пилотот дека ќе платат колку ќе рече само со нив да лета над градот. Но, пилотот им кажал дека тој бил само извидница и дека нивната голема желба ќе биде исполнета за три месеци, на празникот Голема Богородица на 28 август, кога било планирано да се одржи аеромитинг кај Штип.
    Според мемоарите на Кадифков, тој ден и старо и младо отишло да ги види авионите. Тогаш им се исполнила и желбата на групата од осум занаетчии од Штип за прв пат да летаат со авион. Секој платил по 12 динари, повеќе од нивната месечна заработувачка. Во тоа време толку изнесувала една чиновничка плата. Цела година потоа во цела околија само за тоа се зборувало.

    „Пилот кој прв слетал во Штип бил Јуришченко од Украина во мај 1925 година. Една година порано, со помош на словенечките пилоти Фердо Градишник и Матеј Шворц од Љубљана и една група штипски ентузијасти, се формирал и првиот аероклуб во Македонија. Првиот поголем аеромитинг се одржал две години подоцна, во 1927“,  напишал Кралев во монографијата за Аероклубот „25 Мај“.

    „Според моите истражувања и од она што сум го читал, по десет години проработела и падобранската школа во Штип. Првиот падобрански скок бил изведен на аеромитинг во 1936 година, што било исто така голема атракција во Македонија. За кратко време, падобранската школа броела над 20 падобранци. Школата досега ја поминале стотина падобранци. Имало и неколку жени, но најактивна и со најмногу скокови била Светлана Димова“, вели пензионираниот падобранец и едриличар Донче Караколев.

    Аеро клубот „25 Мај“ во 1982 бил прогласен за најдобар клуб во тогашна Југославија и благадарение на оваа титула на клубот му било доверено да биде домаќин на традиционалното големо југословенско аерорели. Оваа манифестација за штипјани и пошироката околина преставувала нова атракција. Ракетните моделари од Аеро клубот „25 Мај“ во 1996 станаа светски и европски прваци и шампионските пехари ги носеа во Штип последоватално во наредните десетина години.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира