ПРЕСПАНЦИ ПОЛА ВЕК ЧЕКААТ ГРЦИЈА ДА ГО ОТВОРИ ПРЕМИНОТ МАРКОВА НОГА

    ПРЕСПАНЦИ ПОЛА ВЕК ЧЕКААТ ГРЦИЈА ДА ГО ОТВОРИ ПРЕМИНОТ МАРКОВА НОГАМакедонско-грчкиот граничен премин Маркова Нога - Герман не е во функција веќе половина век, а најавата од Давос на грчкиот премиер Алексис Ципрас на средбата со премиерот Зоран Заев за отворање на преминот жителите од Преспа ја дочекаа со оптимизам, но без големи очекувања (Фото: СДК.МК)

    Спуштена рампа до половина коловоз со прицврстен знак стоп по којзнае којпат затекнавме на македонско-грчкиот граничен премин Маркова Нога – Герман, кој не е во функција веќе половина век. Другиот дел од коловозот е прооден само за вработени во полициската станица од македонска страна. На преминот се вее македонско знаме, ветво и поткинато на краевите. Движење понатаму не е дозволено, па не можевме да видиме каков е патот од грчка страна. За да се избегне нелегално минување на границата, останатата површина крај преминот е преградена со бодликава жица.

    Преспанци се жалат дека најблиското село Роби на грчка страна им е на два километри, а за да стигнат дотаму треба да минат 150 километри, односно да вратат околу преку другиот премин Меџитлија (Фото: СДК.МК)

    Половина век, жителите на Преспа чекаат да се дигне старата рампа и да се отвори граничниот премин. Последната најава од Давос на грчкиот премиер Алексис Ципрас дадена на средбата со македонскиот колега Зоран Заев за отворање на преминот, жителите од Преспа ја дочекаа со оптимизам, но без големи очекувања.

    „Се согласивме со премиерот дека разговорите за мерките за градење доверба што почнаа со иницијативата на Грција во 2016 треба да се интензивираат, мерки кои се особено важни во областа на енергијата, траспортот и меѓурегионалниот контекст, а најважна е отворањето на преминот во Преспа, проект од особена важност за регионот“, рече Ципрас по средбата со Заев во Давос.

    Преспанци велат дека во минатото надежите многупати им ги подгреале политичарите, но сѐ останало на зборови. Додека чекале таквиот потег да донесе економска преродба во крајот, селата им се испразниле.

    Сѐ било поинаку до 1967, кога границата кај Маркова Нога можела да се мине со потврда што се добивала на преминот (Фото: СДК.МК)

    „Крајно време е да се оствари ветеното за да ни преживеат селата. Отворањето на преминот би значело економски развој. Ова овде е мртва точка, како крај на светот. Право не се оди, само назад. Бидејќи жителите од селата претежно со заминаа, барајќи работа во Скопје, можеби ако се развие туристички местото ќе се вратат и ќе работат тука. Последното село на македонска страна Долно Дупени имаше 700 жители, а денес 120. Имаме училиште со тројца ученици“, вели Зоран Димовски, сопственик на продавница во Долно Дупени.

    Преспанци се жалат дека најблиското село Роби на грчка страна им е на два километри, а за да стигнат дотаму треба да минат 150 километри, односно да вратат околу преку другиот премин Меџитлија. Сѐ било поинаку до 1967, кога границата кај Маркова Нога можела да се мине со потврда што се добивала на преминот. Тогаш и сватови минувале преку граница, луѓето од двете страни на Езерото се мажеле и женеле меѓусебе.

    Отворањето на преминот би значело економски развој. Последното село на македонска страна Долно Дупени имаше 700 жители, а денес 120, училиштето е со тројца ученици (Фото: СДК.МК)

    „Порано си идевме, си одевме со соседните села. Купувавме од таму украсни работи, чаршафи за маси, светилки, облека. Од селата Љубојно и Дупени без пасоши ја минуваа границата, пограничен промет тоа се викаше. Идеа и тие кај нас. Од тука купуваа различни работи, салами, шеќери. Ги оставаа да пренесат одредена количина преку граница. Свадби се правеа, се мешаа луѓето “, вели Михајло Диневски од Долно Дупени.

    Сепак, во 1967 Грција донела политичка одлука и го затворила преминот. Првите најави дека пак ќе проработи беа во 1999, на средбата на министрите за надворешни работи на Грција и Македонија Јоргос Папандреу и Александар Димитров. Во 2009, Антонио Милошоски како министер за надворешни работи упати писмо до грчката колешка Дора Бакојани со барање за отворање на преминот. Но, таа го одби. Пред три години, шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас рече дека нема да се сруши вселенски брод ако се отвори преминот. Најновото ветување го даде грчкиот премиер Ципрас на 24 јануари.

    Македонија поготвена очекува Грција да го исполни ветувањето. До граничниот пермин води пат, кој пред две години беше преасфалтиран и е во добра кондиција иако има само две ленти. На него поставена е потребната хоризонтална и вертикална сигнализација, изградена е бензиска пумпа, пред сама граница има угостителски објект со храна за патници.

    Се чека само Грција да направи чекор кај Маркова Нога.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира