ПРЕСПАНЦИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА И ГРЦИЈА ПОЛА ВЕК ЧЕКААТ ПОВТОРНО ДА СЕ ОТВОРИ ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН МАРКОВА НОГА

    ПРЕСПАНЦИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА И ГРЦИЈА ПОЛА ВЕК ЧЕКААТ ПОВТОРНО ДА СЕ ОТВОРИ ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН МАРКОВА НОГААко се отвори граничниот премин Маркова Нога - Герман кој е затворен 51 година, за многу кратко време ќе се стигнува од македонските преспански села до оние на грчка страна, како што се Раби, Герман, Шрково, Рудник, П’пли, Оровник, Буковиќ, Нивици и други.

    Во Егејска Македонија некогаш го нарекувале Штрково, а во денешна Грција Плати. Тука од памтивек гнезда свивале штрковите во близина на брегот на Преспанското Езеро. Се верува дека е едно од највисоките места во Европа каде се гнездат штркови, на надморска височина од 950 метри. Во селото е развиен руралниот туризам, па има повеќе луксузни вили со базени.

    Луѓето кои уживаа крај еден од базените ги прашавме на англиски јазик каде можеме да го најдеме највисокото гнездо. Само што го поставивме прашањето, еден од мажите ни одговори на македонски јазик: „елајте ваму да ви казам“.

    Во селото Штрково, или Плати како што денес се вика во Грција, е развиен руралниот туризам, па има повеќе луксузни вили со базени

    Нè искачи во една од вилите на вториот кат од каде се гледаше највисокото гнездо во селото. Штрковите домот си го имаа напревено на дрвена бандера налик на оние кои се уште можат да се видат низ македонските градови и села. Гнездото сигурно тежеше околу 200 килограми.

    „Штркојте ни се редовни гости. Ова е највисокото место каде штрковите прават седала. Секоја година туа греат (доаѓаат). Им ги чуваме седлата, не ги бркаме. Тие се атракција за туристите. Понекогаш луѓето излегват на балкон, а штркојте летаат околу нив. Такво уживање нема на друо место “, се пофали угостителот Вангелос В. зборувајќи на егејски дијалект.

    Со пари од европските фондови, неколкумина угостители во Штрково и околните села успеале да го развијат руралниот туризам. Но, со економската криза во Грција во изминатите години прометот им опадна. Договорот за името меѓу Македонија и Грција роди надеж дека ќе се отвори граничниот премин Маркова Нога – Герман, па ќе им доаѓаат македонски туристи.

    „Ако се отвори преминот кај Преспа тоа ќе дојсе нова надеж на туристички развој на местово“, вели угостителот Вангелос В.

    Ако се отвори граничниот премин, за многу кратко време ќе се стигнува од македонските преспански села до оние на грчка страна, како што се Раби, Герман, Шрково, Рудник, П’пли, Оровник, Буковиќ, Нивици и други. Сега посетителите мора да вртат преку граничниот премин Меџитлија, од каде има 15-на километри до Лерин и да патуваат уште 44 километри до Штрково.

    „Така ќе греат туристи од кај вас, па наши ќе идат таму и ќе живеј крајот. Порано свадби имаше преку граница, сватови врвеа. Тука имаме невести од преспанските села од кај вас, пример од Грнчари“, раскажува Костас А. од Штрково.

    Местото е оддалечено на два километри од Големото и Малото Преспанско Езеро. Многу е погодно за прошетки на островот Свети Ахил. Но, за жал нема ни една посредена плажа. Место да се користи езерото, туристите уживаат во вили со базени.

    Преминот Маркова Нога – Герман функционирал до 1967 година кога границата кај Маркова Нога можела да се мине со потврда што се добивала на граница. Но, Грција донела политичка одлука и го затворила преминот. Првите најави дека пак ќе проработи беа во 1999, на средбата на министрите за надворешни работи на Грција и Македонија Јоргос Папандреу и Александар Димитров. Во 2009, Антонио Милошоски како министер за надворешни работи упати писмо до грчката колешка Дора Бакојани со барање за отворање на преминот. Но, таа го одби. Пред три години шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас рече дека нема да се сруши вселенски брод ако се отвори преминот. Најновото ветување го даде грчкиот премиер Алесксис Ципрас пред шест месеци на средбата со Заев во Давос, Швајцарија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира