ПРИКАЗНАТА ЗА СОНЧЕВИОТ ЧАСОВНИК ОД ХЕРАКЛЕЈА ВО ФОКУСОТ НА НОВАТА КНИГА НА МАРЈАН ТАНУШЕВСКИ ЗА ИСТОРИЈАТА НА БИТОЛА

    ПРИКАЗНАТА ЗА СОНЧЕВИОТ ЧАСОВНИК ОД ХЕРАКЛЕЈА ВО ФОКУСОТ НА НОВАТА КНИГА НА МАРЈАН ТАНУШЕВСКИ ЗА ИСТОРИЈАТА НА БИТОЛАВо книгата се содржани текстови што Марјан Танушевски ги има објавено за агенцијата МИА на теми испреплетени со историски приказни и факти за Битола (Фото: СДК.МК)

    Најстaриот сончев часовник или хорологион во нашето поднебје бил откриен во Хераклеја Линкестис, а датира уште од 157 година од нашата ера. Ова е само еден од значајните податоци за историјата на Битола објавени во новата книга „Битолски хорологион“ на долгогодишниот новинар на МИА, д-р Марјан Танушевски. На стотина страници, објавени се 21 напис за значајни културно-историски белези на Битола, нејзиното пулсирање низ вековите, важни личности, здруженија, манифестации. Тоа се текстови кои Танушевски ги има објавено за агенцијата МИА на теми испреплетени со историски приказни и факти за Битола.

    Според податоците од книгата, хорологионот е изработен од мермер и денес е изложен во Завод и музеј Битола. По пишувањата на археологот Томе Јанакиевски, станува збор за сферичен сончев часовник и по многу нешта идентичен со оној изложен во лапидариумот на Археолошкиот музеј во Сплит. Со часовникот е откриен и постамент, при што изгледот и типот на буквите на него укажуваат на римски капитали, што биле во употреба од 1. век.

    Хорологионот од Хераклеја датира од 157 година од нашата ера

     

    „Текстот го обработиле и проучиле археологот Аница Ѓоргиевска и Весна Калпаковска во книгата ‘Животот на Хераклеја преку епиграфските споменици’ и посочуваат дека на постаментот е впишано името на донаторот Лукиј Мариј, кој дал пари за поставување на часовникот“, пишува во книгата.

    Ова не е единствениот сончев часовник во Битола. Другиот се наоѓа на Широк Сокак, поставен во 2003 година, на иницијатива на археологот Константин Анастасов. Тој со неговите соработници Љупчо Долевски, Никола Димитровски (професори по географија), Славе Криковски (уметник конзерватор), Александар Шурлевски (аматер астроном) и учениците Христо Трајковски и Борис Анастасов го дизајнирале часовникот кој го покажува времето и претставува туристичка атракција на Широк Сокак. Арапските бројки го покажуваат зимското сметање на времето, а римските летното. На него се испишани три пораки: Panta Rei (Сè тече), Dictum Factum (Речено сторено) и Coram Populo (Пред народот јавно).

    „Книгата содржи и написи за керамички светилки од 4. век пред нашата ера кои се користеле во Хераклеја. Потоа, се дознава дека битолски Безистен бил изграден над друг објект кој постоел на тоа место. Има и написи за еврејските огништа, тајните на Тумбе Кафе, гулабите кои се капат само на едно место во Драгор, а тоа е пред Ректоратот и за други теми“, рече Танушевски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира