Повеќе македонски професорки, активистки, писателки, јавни личности и граѓани денес на социјалните мрежи ја стартуваа независната кампања #СегаКажувам #ТaniTregoj против сексуално вознемирување.
Тие на Фејсбук и на Твитер, на македонски и на албански јазик, споделуваат лични приказни или на свои блиски роднини и пријатели, за сексуална злоупотреба, принуда од позиција на моќ, навреда и родова дискриманција.
Меѓу имињата кои под хаштагот #СегаКажувам #ТaniTregoj споделуваат свои ставови и приказни, се писателката и професорка Румена Бужаровска, активистката Ирена Цветковиќ, актерката Ирена Ристиќ, професорката Ана Мартиноска, модната дизајнерка Ивана Кнез, композиторката Дарија Андова, актерката Јасмина Василева, продуцентката Марија Зафирова.
Повеќе граѓански здруженија го објавуваат постот на кој стои : „Независните организаторки на кампањата #СегаКажувам #ТaniTregoj ве повикуваат доколку имате своја или блиска приказна за сексуална злоупотреба, малтретирање или принуда од позиција на моќ и сакате да ја споделите, да го направите со овие хаштагови“.
Додека на социјалните мрежи се води голема дискусија и поделени се мислењата дали и зошто е потребна ваква кампања, активистката Ана Василева, на Фејсбук пишува: „Целта на кампањата не е да се спроведе казна или одмазда на поединечни престапници, туку да се стави во фокус и да се де-нормализира насилството и микроагресиите што се вршат врз жените и девојчињата, како и да се предизвика културата што го имплицитно и суптилно го негува и наградува тоа ’фраерско’ токсично машко однесување“.
Голема е дебатата и околу тоа дали треба јавно да се објават имињата и презимињата на напаѓачите.
Професорката Катерина Колозова ја поддржува кампањата, но инсистира дека бидејќи станува збор за повик, во личните искажувања треба да се именуваат насилниците со име и презиме.
„#СегаКажувам не се важи ако не го кажете името. Нема поента. Ја ќе ги кажам моите, со име, ама со друг хаштаг, ако овој оди без имиња.
Поентата на оваа кампања е именување. Ако е ова calling out кампања, па најпосле, на француски се вика Именувај ја својата свиња – која е поентата на овие еден-таму-мене-еднаш-исповеди“, напиша таа на нејзиниот Фејсбук профил и во неколку коментари.
Македонската кампања го следи примерот на американската кампања #МеТоо, која се појави изминативе месеци по откривањето на скандалот со холивудскиот продуцент Харви Вајнстин, кој се соочи со низа обвинувања за силување и за сексуално вознемирување од врвни холивудски актерки.
Б.НЕСТОРОСКА