РАДОСТА И ТАГАТА НА ЖЕНИТЕ СЕ ВТКАЕНИ ВО РАКОТВОРБИТЕ – ИЗЛОЖБА НА ВЕЛЕШКИТЕ ПЕНЗИОНЕРКИ

    РАДОСТА И ТАГАТА НА ЖЕНИТЕ СЕ ВТКАЕНИ ВО РАКОТВОРБИТЕ – ИЗЛОЖБА НА ВЕЛЕШКИТЕ ПЕНЗИОНЕРКИГолем број рачни изработки беа извадени од фиоките, каселите, од плакарите, каде љубоморно се чуваат од забот на времето, иако одамна не се користат (Фото: СДК.МК)

    Здружението на пензионери на Велес одбележа 61 година од постоењето, во склоп на Неделата за грижа за стари изнемоштени лиц, а  Активот на жени при ова здружение организираше етно изложба.

    „Вредните раце на нашите жени, членки на Здружението решија да ве потсетат на едно изминато време, во кое тие вложиле труд, но и љубов за да го разубават својот и животот на тие околу себе. Со тоа оставаат траен белег во нашето национално богатство“, рече Благојка Настова, претседателка на Активот на жени пензионерки.

    „Вредните раце на нашите жени, решија да ве потсетат на едно изминато време, во кое тие вложиле труд, но и љубов за да го разубават својот и животот на тие околу себе“, вели Благојка Настова (Фото: СДК.МК)

    Голем број рачни изработки повторно го добија некогашниот сјај, беа штиркани, пеглани, како некогаш и подготвени за изложбата. Беа извадени од фиоките, каселите, од плакарите, каде љубоморно се чуваат од забот на времето, иако одамна не се користат.

    „Ова е наш обид за потсетување на некои минати денови, кога вредните раце на нашите жени, везеле , плетеле, ткаеле, во нив ја внесувале тагата, маката, љубовта, радоста и сѐ што го чини животот“, рече Светлана Ќулумова, поранешна професорка по македонски јазик, член на Претседателството на Здружението на пензионери од Велес. Таа на изложбата донесе лични изработки чаршаф, милје, како и многу работи од нејзината мајка, за кои сакала да ги види јавноста.

    Активот на жени при Зздружението на пензионери ја организираше етно изложбата во склоп на Неделата за грижа за стари изнемоштени лица (Фото: СДК.МК)

    Прашана како гледа на тоа што рачните изработки сѐ повеќе се чуваат во фиока а не се користат или малку се користат, таа рече: „Тоа е цената на новото време кое го живееме. Неминовно на динамиката на живеењето, современата жена има многу обврски и нема време да ги создава и да ги одржува низ домот. Но, кога ќе се отворат вратите од плакарите, заплиснува споменот од минатото време, споменот на нашите мајки кои нѐ учеле на овие изработки, кои макотрпно ги работеле и ќе нѐ врати назад во некое не така минато време, кога сме се почитувале и сакале повеќе“.

    Пензионерката Цвета Јованова се претстави со покривка од бел вез, која таа лично ја изработила, како и крпа за огледало.

    „За жал денес овие рачни изработки се помалку или воопшто не се користат. Тие бараат нега, одржување а младите домаќинки го имаат се помалку. Тоа е голем грев, оти овие везени и плетени работи треба да се штиркаат, да се пеглаат внимателно. Но, и покрај сѐ, ги чувам“, вели Јованова.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира