Голем патнички авион тивко стои на работ на пистата. Тој нема да лета повторно, моторите му се извадени, крилјата скршени и оштетени низ времето. Во негова близина, сончева светлина минува низ скршените прозорци на напуштениот хангар. Сѐ е покриено со прашина и р’ѓа, бодликава жица, скршено стакло и обраснат плевел.
Во овој дел во Кипар, времето одамна е замрзнато.
Изминативе 44 години, некогаш најсовремениот меѓународен аеродром „Никозија“ е затворен.
Медитеранската островска држава е ефективно поделена уште од летото 1974 година. Кипар, поранешна британска колонија, стана независна во 1960. Низ годините, тензиите се зголемија меѓу мнозинството кипарски Грци и малцинството кипарски Турци.
Во 1974, владата на Грција спонзорираше обид за соборување на избраниот претседател на Кипар. Турција одговори со воена интервенција и оттогаш контролира повеќе од една третина од островот. Поделбата продолжува и до ден-денес, со помош на контролирана зона на Обединетите нации што го пресекува островот, раздвојувајќи го северниот дел на кипарските Турци од југот на кипарските Грци.
Изолиран и празен, аеродромот е во внатрешноста на тампон-зоната, позната како зелена линија.
Пристапот до него е строго ограничен, бидејќи е дел од поширокиот комплекс во кој се сместени седиштата на мировните сили на ОН.
Оваа состојба драстично се разликува од неговото минато. Откако неколку децении беше користен главно за воени цели, „Никозија“ беше официјално отворен во 1968, со изградба на модерна терминална зграда со високотехнолошки објекти и голем број ресторани и продавници. Изграден за да стане главен туристички и транспортен центар во источниот Медитеран, аеродромот ѝ служеше и на богатата трговија во наредните години. До 1973 година поминале речиси 800.000 патници.
Но, за време на кризата во 1974 година, Меѓународниот аеродром „Никозија“ стана една од главните цели на турската армија и трговската активност беше прекината. На местото беа лансирани серија воздушни напади, проследени со тешки и смртоносни борби во негова близина меѓу турските и грчките сили.
Војниците на ОН интервенираа, и во август 1974 година, аеродромот беше прогласен за заштитено подрачје на ОН и стана дел од тампон-зоната.
Новиот аеродром, Меѓународниот аеродром „Ларнака“ беше отворен во Република Кипар во 1975 година, а во 1983 година и Меѓународниот аеродром „Пафос“. Во 1977 година, последните комерцијални летови го напуштија аеродромот под посебно овластување на ОН, кога триото авиони, заробени од инвазијата во 1974, беше пренесено во Лондон. Но до денес, патничкиот авион „трајдент сан“ на „Кипар ервејс“ стои неподвижен помеѓу распадните хангари и терминалната зграда. Според ОН, моторите на авионот биле одземени за време на настаните од 1974 и биле искористени за поправка на друг авион.
Иако долго време напуштен, комплексот на аеродромот се користеше како едно од локациите за започнување на меѓуопштинските разговори во напорите да се најде решение за ќорсокакот на островот низ годините и да дејствува како штаб за мировни сили на Обединетите нации во Кипар.
Но, додека мирот останува недостижен, распаднатиот аеродром и напуштената околина ќе служат само како симбол на децениската поделба на островот.