РЕСТАВРИРАА „РЕНО 4“ СТАРО 40 ГОДИНИ И ОД СТОЈАКОВО ТРГНАА ВО МОНТЕ КАРЛО НА САЕМ НА ОЛДТАЈМЕРИ

    РЕСТАВРИРАА „РЕНО 4“ СТАРО 40 ГОДИНИ И ОД СТОЈАКОВО ТРГНАА ВО МОНТЕ КАРЛО НА САЕМ НА ОЛДТАЈМЕРИЃорги Николов и Џоко Шуклев, реставрираа „рено 4“ старо 40 години и денеска тргнаа на пат долг речиси 2.200 километри (Фото: Фејсбук)

    Двајца авантуристи од Стојаково, Ѓорги Николов и Џоко Шуклев, реставрираа „рено 4“ старо 40 години и тргнаа за Франција да го прошетаат Азурниот Брег, како и на автосаемот на олдтајмери и ексклузивни возила во Монте Карло, Монако. Делницата од речиси 2.200 километри од Стојаково преку Белград, Загреб, Љубљана, Милано, Монте Карло, па на Aзурниот Брег планираат да ја возат три дена со мали одмори кај пријатели од поранешните југословенски републики.

    Возилото е произведено во 1978 година, а Шуклев и Николов на него работеле два месеца (Фото: СДК.МК)

    Идејата била взаемна и стара неколку години, но ова лето конечно се нафатиле на овој потфат за да ја промовираат државата, откако биле ангажирани од Германец да му реставрираат стар модел на возило.

    „Пред извесно време реставриравме олдтајмер за еден германски сопственик, па понесени од емоциите решивме да создадеме еден олдтајмер за нас со кој би направиле турнеја до Франција, заради што одлучивме да биде ‘рено 4’ кое своевремено беше доста култно. Целта ни е да докажеме дека и во Македонија има влубеници во стари возила на кои може да им дадат живот“, вели Шуклев во чиј автокозметички сервис „Про-кар“ се реставрираше возилото.

    „Реното“ пред ремонтот (Фото: СДК.МК)

    Возилото е произведено во 1978 година, а Шуклев и Николов на него работеле два месеца. Направиле ремонт и го оспособиле за големи делници. Пред да заминат го тестирале низ Македонија за возење по високи температури. Велат дека досега инвестирале околу 4.000 евра за да може ова возило да го издржи патот во двата правца.

    Шуклев и Николов беа испратени рано наутро од центарот на селото, а според обичајот по нив и возилото се полеваше вода (Фото: СДК.МК)

    „Се наоѓаме во Ниш, Србија. На границата и бензинските станици сите нѐ прашуваа дали е можно дали е тоа моделот ‘рено 4’ кој своевремено беше хит низ Југославија. Се фотографираат со нас, а за возврат им подаруваме смокви. Иако на прв поглед се чини дека нема комфор, добро средено возило секогаш носи предизвик за управување на големи делници“, вели Николов, кој е професионален возач.

    Дел од мештаните и фирмите од Стојаково финансиски ја помогнаа оваа авантура на Шуклев и Николов, а беа испратени рано наутро од центарот на селото, а според обичајот по нив и возилото се полеваше вода.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира