РЕТКИОТ СТРУШКИ МУЗЕЈ „Д-Р НИКОЛА НЕЗЛОБИНСКИ“ ОСТАНА БЕЗ ПОСЕТИТЕЛИ ПОРАДИ КОВИД ПАНДЕМИЈАТА

    РЕТКИОТ СТРУШКИ МУЗЕЈ „Д-Р НИКОЛА НЕЗЛОБИНСКИ“ ОСТАНА БЕЗ ПОСЕТИТЕЛИ ПОРАДИ КОВИД ПАНДЕМИЈАТАРускиот доктор Николај Незлобински, кој дошол во Струга во 1924 да помага како лекар против маларијата, не останал рамнодушен на природата во струшкото и охридското блато. (Фото: СДК.МК)

    Музејот „Д-р Никола Незлобински“ во Струга е единствен во регионот со вредна колекција која ги чува тајните на охридско-струшката природа и е вистинска атракција за туристите, но корона пандемијата видно го намали бројот на посетители. Од некогаш илјадниците туристи, летово вратите се отвориле за мал број гости.

    „Во време на пандемијата, минатата година и годинава посетеноста е далеку помала, дали луѓето се плашат од пандемијата или поради тоа што нема организирани ученички екскурзии. Во изминатите години имавме многу посетеност. Имаше години кога имавме и над 10.000 посетители годишно. Минатата година и оваа немаме ни петстотини“, вели Асим Цаноски, музејски работник.

    Најатрактивен експонат е двоглавото теле од пред 1970-те најдено во струшките села. (Фото: СДК.МК)

    Ова посебна и ретка едиција со видови кои датираат одамнина, автентични по својата специфика за ова поднебје, во себе ги чува тајните на природата од околината на Охридското Езеро. Содржи инсекти, водоземци, риби, птици и цицачи. Најатрактивен експонат е двоглавото теле од пред 1970-те најдено во струшките села.

    Секоја година се интервенира со посебни хемиски средства, кои не се штетни за луѓето. (Фото: СДК.МК)

    „Голем дел од птиците кои тука ги имаме повеќе не можат да се сретнат тука во Охридско-Струшкиот Регион бидејќи се птици преселници кои порано доаѓале тука додека постоело Струшкото Блато. Но откако тоа е исушено тие повеќе ги нема“, додава Цаноски.

    Ендемските видови кои повеќе речиси не можат да се видат во овој предел, на мошне умешен начин се заштитуваат и колекционираат од стручните лица.

    (Фото: СДК.МК)

    Секоја година се интервенирало со посебни хемиски средства, кои не се штетни за луѓето.

    „Тоа е нормален процес, дел се заменуваат од препаратите. Тоа се прави секоја година од страна на посебни специјализирани компании, кои ја вршат таа заштитна функција“, велат од Националната установа Музеј „Д-р Никола Незлобински“ во Струга.

    (Фото: СДК.МК)

    Заслужен за постоењето на Музејот е рускиот доктор Николај Незлобински, кој дошол во Струга во 1924  да помага како лекар против маларијата и не останал рамнодушен на природата во овој крај, особеностите и ендемиката на струшкото, но и охридското блато. Денес сите исчезнати видови се умешно зачувани во музејските простории, како колекција која претставува голема вредност. Првата официјална зоолошка збирка Незлобински ја презентирал во 1928, со што се удрени темелите на Природно-научниот музеј во Струга, а во негова чест музејот го носи неговото име.

    (Фото: СДК.МК)

    „Реално, збирката почнал да ја создава докторот со доаѓањето во Струга, при што некои примероци датираат и порано. Најпрво почнал со инсекти, а потоа како што се развивала неговата пасија, имало голем број птици. Збирката е уникатна со ендемични видови од Охридско-Струшкиот крај, особено Струшкото Блато, околните планини. Единствено мечката е од Брајчино, повторно во блиски регион“, ни рекоа вработените во Музејот.

    Од Музејот велат дека ќе работат на проекти за поголема промоција на Музејот за привлекување на поголем број посетители.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира