РИСТО И СИМЕОН НАСКОВИ ОД СТАР КАРАОРМАН СЕ НАЈСТАРИТЕ БРАЌА ВО МАКЕДОНИЈА, ЗАЕДНО ИМААТ СКОРО ДВЕСТА ГОДИНИ

    РИСТО И СИМЕОН НАСКОВИ ОД СТАР КАРАОРМАН СЕ НАЈСТАРИТЕ БРАЌА ВО МАКЕДОНИЈА, ЗАЕДНО ИМААТ СКОРО ДВЕСТА ГОДИНИРисто и Симеон Наскови заедно имаат речиси 200 години и сѐ уште живеат на заеднички имот. (Фото: СДК.МК)

    Ристо и Симеон Наскови од штипското село Стар Караорман се најстарите браќа во Македонија. Постариот Симеон веќе петти месец е во 100. година од животот, а помладиот Ристо навлезе во 98-та.

    Живеат покрај своите деца, синови и ќерки, кои изградиле нови куќи, но браќата одлучиле да останат во нивните стари куќички, на истиот имот богат со овошни садници и со заедничка градина, која изобилува со зеленчук. Додека биле помлади, пластениците, бавчите и овошниот насад билe нивна грижа, а и сега преку ден постојано го надгледуваат имотот.

    „Во живот нѐ одржуваше работата. Поминавме сѐ и сешто, но најважно е да нема нервоза. Во животот видовме повеќе лошо, но среќни сме што дочекавме да имаме и правнучиња“, вели виталниот Симеон, кој сѐ уште со добра меморија се присетува и на младоста.

    „Поминавме сѐ и сешто во животот, но најважно е да нема нервоза“, велат Наскови (Фото: СДК.МК)

    „Татко ми Ефтим имал петмина синови и две ќерки. Една наша сестра живееше повеќе од 90 години, Потекнуваме од кочанското село Пресека, каде сме родени, но пред Втората светска војна се преселивме во Караорман. Кога станав полнолетен, бугарските власти веднаш ме регрутираа во нивната војска. Нѐ однесоа во Велико Трново, од каде што брзо дезертирав. Заедно со уште тројца Македонци пеш ја поминавме цела Бугарија и дојдовме до планината Плачковица, каде се засолнивме на неколку дена, а потоа се спуштивме во селото. Постариот брат тогаш правеше крштевка, но јас морав да се кријам на таванот“, вели Симеон.

    И Ристо се присетува на неговиот војнички живот. Како помлад ја избегнал бугарската регрутација, но набргу потоа заминал во партизани. Кога војната завршила, тој добил работа и унапредување.

    „Со брат ми работевме во ЗИК ‘Црвена звезда‘, јас во водостопанство, а потоа во ПИ ‘Македонка‘. Но, за да се преживее, работевме и во земјоделството како аргати. Од Св. Троица до Петровден бевме жетвари. Се жнееше со срп, по цел ден. Добивавме по пет гроша, но речиси сите ни ги земаше работодавецот, затоа што сме требале да ја платиме храната, а јадевме во каленица наполнета со вода, лук и оцет“, вели Ристо.

    Браќата Наскови секојдневно се поврзани. Домовите им се оддалечени педесетина метри. Во текот на денот Ристо ќе го посети баткото Симеон, а тој попладнето ќе отиде до Ристо.

    Синот на Симеон, Киро, кој е пензиониран металски работник, вели дека нема некој посебен рецепт за нивната долговечност.

    „Нека се живи и здрави, а јас заедно со сопругата и ќерката, како и мојата братучетка и нејзиниот сопруг, колку можеме ќе им помагаме и на двајцата. Порано кога беа помлади тие пазаруваа и дома носеа леб. Ги одржуваа бавчите и ја чуваа живината. Сега ние го правиме тоа, затоа што тие своето си го одработиле“, вели Киро Насков.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира