Робот усмрти човек во Јужна Кореја откако не успеал да го разликува од кутија со храна со која тој ракувал. Несреќата се случила додека мажот во 40-ти години, вработен во роботска компанија, вршел проверка на роботот.
Роботската рака го зграпчила работникот откако го помешала со кутија со зеленчук, го турнала на подвижната лента и го притискала за градите и лицето, објави новинската агенција „Јонхап“. Работникот бил превезен во болница, каде што починал.
Според „Јонхап“, роботот имал задача да крева кутии со пиперки и да ги пренесува на палети. Несреќниот маж ги проверувал сензорите на роботот пред неговото тестирање во фабрика за сортирање пиперки во провинцијата Јужен Гјеонгсанг на 8 ноември. Овој тест требало да се изврши на 6 ноември, но бил поместен за два дена поради проблемите со сензорите на роботот.