РОДИТЕЛИТЕ НА ГОДИНЕШНИОТ МЛАДОЖЕНЕЦ СЕ ВЕНЧАЛЕ НА ПРВАТА „ГАЛИЧКА СВАДБА“ ПРЕД 35 ГОДИНИ

    РОДИТЕЛИТЕ НА ГОДИНЕШНИОТ МЛАДОЖЕНЕЦ СЕ ВЕНЧАЛЕ НА ПРВАТА „ГАЛИЧКА СВАДБА“ ПРЕД 35 ГОДИНИВо чест на годинешното издание, „Пивара Скопје“ подготви и специјална лимитирана серија „скопско“ со визуелен идентитет посветен на Галичка свадба. (Фото: Пивара)

    На годинешната манифестација Галичка свадба, од 10 до 12 јули во Галичник, младенци ќе бидат Мартина Михајлова и Александар Пендароски. Куриозитет е што годинава се навршуваат 35 години од првата современа Галичка свадба одржана во 1991, кога биле венчани родителите на Александар, па годинешниве младенци се продолжување на едно семејно наследство и силна поврзаност со Галичник и неговите обичаи и традиција.

    Mладенците велат дека изборот да бидат дел од оваа уникатна традиција, живо сведоштво за богатото културно наследство на мијачкиот крај, е една од најголемите почести во нивниот живот.

    „За мене ова не е само свадба, туку продолжување на една семејна приказна и врска со Галичник која трае со генерации. Особено сум горд што токму годинава, кога се одбележуваат 35 години од свадбата на моите родители во Галичник, ќе имам можност и самиот да бидам галички младоженец“, рече Александар Пендароски.

    „Галичка свадба е чувство што тешко може да се опише со зборови. Тоа е чест, одговорност и привилегија да се биде дел од традиција која опстојува со векови. Со нетрпение и огромна возбуда ги очекуваме моментите кога заедно со нашите семејства и сите гости ќе ја почувствуваме магијата на Галичник и на уникатните свадбарски обичаи“, рече галичката невеста Мартина Михајлова.

    Организатор на манифестацијата е Месната заедница Галичник, чиј претседател Огнен Караѓозовски кажа дека интересот за учество во Галичката свадба продолжува да расте.

    „Галичката свадба е многу повеќе од манифестација што се одржува еден јулски викенд. Таа е жив дел од нашиот идентитет и најдобар доказ дека традицијата продолжува да живее низ семејствата и низ генерациите. Токму затоа годинашните младоженци носат посебна симболика – 35 години по свадбата на неговите родители во Галичник, Александар станува галички зет и продолжува една семејна приказна. Особено нè радува што годинава ќе ја збогатиме програмата и со два традиционални обичаи – Китење на ситото и Замесување на сваќата, со што на посетителите ќе им овозможиме уште поавтентично да ја доживеат богатата галичка свадбена традиција. Благодарни сме на сите институции, партнери и поддржувачи, а особено на ‘Пивара Скопје’, чија долгогодишна поддршка има огромно значење за континуитетот и развојот на Галичка свадба“, изјави Караѓозовски.

    Покровител на Галичка свадба 2026 е претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а Министерството за култура и туризам и годинава обезбедува институционална поддршка за одржувањето на манифестацијата, заедно со голем број компании и пријатели на Галичник.

    „Пивара Скопје“ и „скопско“ и годинава се главни поддржувачи и партнери на манифестацијата, продолжувајќи го повеќедецениското партнерство кое трае уште од самите почетоци на современата Галичка свадба. Во чест на годинешното издание, компанијата подготви и специјална лимитирана серија „скопско“ со визуелен идентитет посветен на Галичка свадба, која ќе биде достапна за сите посетители како уникатен сувенир.

    „Најубавите приказни траат. Повеќе од половина век ‘Пивара Скопје‘ не е само партнер на Галичка свадба – ние сме дел од нејзината приказна. Традицијата не е нешто што го чуваме само во минатото. Традицијата е нешто што заедно го создаваме денес. Автентичноста не може да се копира. Токму затоа Галичка свадба е единствена. Затоа создаваме нови искуства, со длабока почит кон традицијата. За ваква пригода не е доволно кое било пиво. Затоа создадовме специјална серија ‘скопско’ посветена токму на Галичка свадба“, рече генералниот директор Огњен Лазиќ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира