Руската премиера на британската комедија „Смртта на Сталин“ е откажана по британската проекција во понеделникот, откако гостите од Русија се пожалиле дека сатирата содржи елементи „идеолошка војна“ и на „екстремизам“.
Правата за киноприкажување беа повлечени, пред најавената премиера за утре во Москва.
Не е познато дали филмот, во кој играат Стив Бушеми и Џефри Тамбор, воопшто ќе биде прикажан во Русија.
Министерството за култура на Русија за новинската агенција „ Интерфакс“ изјави дека за одлуката го информирал рускиот дистрибутер на филмот „ Волга“.
„Одлуката за тоа дали ќе биде прикажан ќе биде донесена подоцна”, стои во изјавата на министерството.
Филмот во режија на Армандо Јанучи, е сатира за борбата за власт во Москва по смртта на советскиот диктатор Јосиф Сталин во 1953 година. Многу од главните ликови се вистински историски личности.
На проекцијата во Велика Британија присуствуваа членови на парламентот, како и руски филмски претставници.
Многумина не беа задоволни со она што го видоа.
Елена Драпеко, заменик-шеф на долниот дом на парламентарната комисија за култура, за вестите на РБК изјави дека „никогаш не видела нешто толку одвратно во животот”.
Ќерката на маршалот Жуков беше една од 21-те потписници на отвореното писмо до министерот за култура Владимир Медински, жалејќи се на филмот.
Таа го критикуваше филмот за исмејување на историјата на земјата и за омаловажување на сеќавањето на руските граѓани кои се бореа против нацистите.
Филмот го навредува рускиот народ, рекоа потписниците, па дури и националната химна на Советскиот Сојуз се користела несоодветно.
Министерот Медински подоцна одговори за реакциите: „Многу луѓе од постарата генерација ќе го сметаат за навредливо исмејувањето на целото советско минато, на земјата што го порази фашизмот и на обичните луѓе, а што е уште полошо , дури и на жртвите на сталинизмот “.
„Ние не вршиме цензура”, додаде тој. „Не се плашиме од критични и непријатни проценки на нашата историја”.
Режисерот Јанучи за „Гардијан“ рече дека е сé уште убеден дека неговиот филм може да биде прикажан во Русија и дека реакцијата на Министерството не го рефлектира мислењето на општото население во Русија.