По светски обележја како Ајфеловата кула и фонтаната Треви во Рим, „Лего“ ја претстави својата минијатурна верзија на базиликата Саграда фамилија во Барселона по повод стогодишнината од смртта на нејзиниот архитект Антони Гауди. Со 12.060 коцки, тоа е најголемиот модел на „Лего“ досега, кој кога ќе се состави е висок 62 сантиметри.
Тоа доаѓа и со соодветна цена. Според данската компанија, моделот чини 700 евра.
Клучен детаљ во дизајнот е ефектот на витраж, кој ги одразува нијансите на бои што се создаваат во вистинската базилика, која со своите 172,5 метри е највисоката црква на светот.
„Нашата цел беше да ја испочитуваме визијата на Гауди, доловувајќи ги ритамот на изградбата на базиликата и нејзината извонредна сложеност и претворајќи го тоа во импресивно искуство во градењето“, изјави Рок Жгалин Кобе, главниот дизајнер на „Лего“.
Изградбата на базиликата почна во 1882 и сѐ уште не е завршена. Гауди почина во 1926 година, кога биле завршени само 10%-15% од работите.


