САКАМ ДА СТАВАМ ЦРВЕНИ ПИПЕРКИ НА ЦЕЛАТА ФАСАДА НА МСУ, АМА КАЈ ДА НАЈДАМ ТОЛКУ МНОГУ, ВЕЛИ УМЕТНИКОТ ГЛИГОР СТЕФАНОВ

    САКАМ ДА СТАВАМ ЦРВЕНИ ПИПЕРКИ НА ЦЕЛАТА ФАСАДА НА МСУ, АМА КАЈ ДА НАЈДАМ ТОЛКУ МНОГУ, ВЕЛИ УМЕТНИКОТ ГЛИГОР СТЕФАНОВГлигор Стефанов, еден од најзначајните македонски уметници, кој живее во Канада, после 30 години се врати во Скопје со како што вели, ретроспектива со стари и нови дела. (Фото: К. Попов)

    Стопроцентна авторска посветеност, педантност и грандиозност се првите впечатоци кои македонската публика ги добива на самиот влез на изложбата на уметникот Глигор Стефанов „Грабење во просторот“, која од 19 јуни е поставена во Музејот на современа уметност (МСУ). Шеесет и тригодишниот Стефанов, еден од најзначајните македонски ликовни уметници, по три децении дојде од Канада во Скопје, со изложбата на која се претставени сите негови циклуси, од 1981 до 2019. Изложени се 11 инсталации, од кои една е долга 100 метри, како и 50 фотографии од негови поранешни инсталации кои не може да се реплицираат оти Стефанов работи со трска, слама и други нетрајни материјали.

    Стефанов, кој во 1993 заедно со скулпторот Петре Николоски беа првите македонски претставници на Венециското биенале, е роден во Кавадари, а дипломирал (1981) и магистрирал (1985 ) на Академијата за ликовни уметности во Белград, отсек вајарство. Од 1988 живее и работи во Лондон, а во 1995 се пресели во Виндзор, Канада.

    Стефанов според она што го прикажува, се потврдува како еден од најзначајните македонски уметници, чиј алтернативен однос кон скулптурата остави белези врз нашата ликовна сцена во последните четириесетина години, велат кураторите (Фото: К. Попов)

    Исклучително скромен и питом, Стефанов за САКАМДАКАЖАМ.МК говореше за кариерата во Југославија, за пожарот во Лондон, за стресното подготвување на новата изложба како и за животот во Канада.

    Стефанов вели дека последен пат изложувал во 2005, а последниве години се занимава исклучиво со иконoписание, како што вели, поради верата и егзистенцијата. Причините, вели, се лични и не сака да говори многу за тоа, но затоа нѐ врати на 1990 кога со Петре Николоски и Петар Мазев, со иницијатива на МСУ биле избрани да ја претставуваат Југославија на Биеналето во Венеција.

    Изложбата во која има и една инсталација од 100 метри, е направена за 40 дена. Деведесет отсто од работата ја направил самиот тој, работел по 15 до 18 саати на ден (Фото: К. Попов)

    Освен Словенија, која веќе била одвоена, скоро сите републики едногласно одлучиле они тројца да бидат претставници.

    „Тогаш национализмот беше во таква експанзија, и фактот дека тројца Македонци се едногласно избрани, беше неверојатен успех за нас. Биеналето во 1990 не се одржа, се помести за следната година, а во меѓувреме Мазев почина, и војната почна. Јас веќе имав закажано голема југословена турнеја во сите големи значајни галерии во градовите, а која требаше да почне од Панчево. Во тој период имав и други изложби низ Лондон, завршив 13 скулптури на кои работев две години, а кои веќе беа порачани од некои музеи за своите колекции. Јас ги спакував во сандаци и заминав на еднонеделен престој во Даблин. Компанијата која требаше да ги земе спакуваните дела наместо за попладнето во 14 часот, помести за сабајлето. Ноќта се случи пожар и изгоре сѐ. Утрото кога требаше да стигнам во Љубљана и да спијам во хотелот, осамнаа тенкови во Љубљана. Истовремено во Сараево стигна изложба на уметници од многу земји, таму имаше 7-8 мои дела, и претпоставуваме дека нема трага од нив по бомбардирањето. Имав дела и во Загреб, и тие се изгубија и затоа сум благодарен на МСУ што има седум-осум сочувано, а едно има и Националната галерија на Македонија“, вели уметникот.

    Изложбата ќе трае до 16 септември, кога ќе има и промоција на монографија од 150 страници (Фото: К. Попов)

    После пожарот морал да најде работа, и се вработил како конзерватор. Англија ја напуштил во 1995 со државната награда за конзервација, а со селењето во Канада прекинал да работи уметност, поретко за некој локален настан или фестивал.

    Иницијативата да се врати во МСУ потекнува уште од 2006 на предлог на кустосот Зоран Петровски, па следеле разговори и со претходниот директор Лазе Трипков.

    „Имаше премалку дела за да правиме класична ретроспектива. Со Зоран уште тогаш разговаравме ако веќе правиме ретроспектива, да не биде само реплика на делата, туку да го следиме процесот на размислување и преку оние проекти кои не сум успеал да ги реализирам. Позната е мојата иницијатива дека сакам да ставам црвени пиперки на целата фасада на Музејот, но никогаш не можевме да купиме толку многу пиперки. Или да ставам цела фасада на низи со тутун во Даут пашин амам или Чифте амам. Таквите идеи успеавме да ги актуелизираме во еден период, не постоеја само како скици, меѓутоа за тоа може само да сонуваме. Ми побараа 7 евра за кило тутун, а се работи за 1.000 тони може и повеќе“, рече Стефанов.

    Едно снопче слама чинело 10 евра, 100 сламки 3,5 евра, и Стефанов плаќал по 100 денари од час за секоја сламка да се исчисти, дезинфицира (Фото: К. Попов)

    Кога почнале да ја договараат „Грабење во просторот“ биле во голема паника бидејќи не знаеле колку средства ќе одобри Министерствот за култура. Лани биле доделени малку пари за реставрирање на делата, и уште тогаш наишле на проблем бидејќи не можеле да најдат слама да ги реставрираат старите дела.

    „Навистина не можев да сонувам дека после 30 години во Македонија нема да можам да најдам слама, памук и такви материјали. Суров памук воопшто не постои во Македонија, или долга слама, р’жова слама рачно жнеена, не машински. Беше вистинска потрага. Јас и по Фејсбук и секаде барав, не можеше да се најде. Порачавме од Холандија, меѓутоа Царината не ја примаше. Најдов памук во Индија, но имав проблем со Царината и официјални увозници. Два месеца буквално се бавевме со непотребни глупости. После тоа, кога дојдов во Скопје, дојдов со резерва дека нема ништо да се реализира . Случајно дознав за едно село и плевна па почнавме да ја расклопуваме приказната, па најдовме во село во Јабланица, по разни места низ Македонија. Секое за себе беше приказна. Еднаш, 20 минути одевме надолу во беспатие, по дожд, помладите и јас по едно снопче донсесовме, а една баба од 87 години носеше по три снопа. Три-четири пати се врати додека ние еднаш дојдовме. Тогаш си реков кога она може со таква енергија да помага, можам и јас ова да го правам“, ни рече тој.

    „Мислев дека сум меѓу заборавените, дека ќе ми дојдат само фамилијата и неколку колеги. Трогнат сум дека видов луѓе со кои не сум се видел 30 години“. – Глигор Стефанов на отворањето на изложбата (Фото: К. Попов)

    Едно снопче чинело 10 евра, 100 сламки 3,5 евра, и Стефанов плаќал по 100 денари од час за секоја сламка да се исчисти, дезинфицира. Вели дека едвај нашол луѓе за работа, среќа што имал помош од неговото семејство и фамилијата на неговата сестра.

    Изложбата во која има и една инсталација од 100 метри, е направена за 40 дена. Деведесет отсто од работата ја направил самиот тој, работел по 15 до 18 саати на ден, му помагал конзерватор од Музејот, тројца-четворица се менувале околу него, и повремено уште 10 до 15 луѓе.

    „Во инсталацијата ги обединив сите циклуси, не одат по ред како што се развиваат циклусите. Прво имаме гнездо кое се развива во спирали, тоа е првата фаза од ‘Освојување на простор’, потоа го опфаќа циклусот ‘Летала’ во кој најмногу се занимавав со летаталата и потоа на крајот со циклусот ‘Ангели’. Иако циклусот ‘Гнезда’ ми е последен, меѓутоа приказната ја почнавме малку поинаку. Сѐ она со што се занимавав со пробивање во просторот, со грабење во просторот, со организирање и активирање на просторот, на некој начин се прикажани во инсталацијата“, вели уметникот.

    Од отворањето на изложбата „Грабење во просторот“, која беше отворена на 40. Скопско лето (Фото: К. Попов)

    Вели дека во Канада работи фрескоживопис на нови цркви, не баш класичен фрескоживопис, туку слика на платна и платната ги лепи по ѕидовите. Црквите се направени од гипсени плочи, а и влагата е голема, и затоа дома работи и на секои секои 2-3 месеци оди на терен и ги лепи. Некогаш работи по 4-5 па и седум цркви истовремено, во македонски, српски, грчки, романски православни па и во некои католички цркви. Таму работи сам, понекогаш му помага семејството, бидејќи сопругата е архитект, ќерката е уметник, како и девојката на син му која е исто уметница.

    Стефанов рече дека ги следи случувањата во Македонија, и сега, после 30 години во Македонија, може да спореди дека особено во културата ништо значајно се нема променето, а и тоа што е променето е на лошо.

    „Не сакам да сум негативен, јас сакам секогаш позитивен поглед, и еден посто да е позитивно, јас се фаќам за тоа. Меѓутоа, во време на 1980-те имаше емисии за култура, специјализирани новинари за секоја области во културата. На тој план е многу назад. Но, светот на уметничките кругови сега е зголемен, има многу млади уметници кои се активни критичари, тогаш бевме двајца-тројца, сега веќе може да зборуваме за скопски круг на нови критичари, кустоси и уметници кои се активни во Македонија на европската сцена. Тогаш, на југословенската сцена двајца-тројца ги правевме чекорите, имаше востановено некои норми и тешко можеше некој да ги пробие“, смета ГСтефанов.

    Стефанов на 19 јуни ја отвори изложбата со перформас пред МСУ, кога ја запали скулптурата од слама. „Во Виндзор имаме фестивал на палење скулптури секоја година. По 15-16 вајари прават привремени инсталации и ги палиме. Мене многу ме интересира тој процес, од цртеж, па изработката, па палење, и на крај цртање со пепелта“, вели уметникот (Фото: К. Попов)

    Изложбата ќе трае до 16 септември, кога ќе има и промоција на монографија од 150 страници, која ја подготвува кустосот Марика Бочварова-Плавевска. Таа заедно со Благоја Варошанец се куратори на изложбата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира