На хорор филм наликува поткровјето на Сарајот на Нијази бег, нарекуван и ресенскиот Версај, еден од највелелепните објекти на Балканот, граден во неокласичен стил, кој на на времето му пркоси 109 години. Оштетени ќерамиди, трули штици, откриени делови од покривот, прокапени тавани и неупотребливи простории од најгорниот кат на дворецот кои нудат прекрасен поглед на Преспа. За првпат по 39 години, државата обезбеди средства за комплетно да се реновира покривот на овој импозантен архитектонски објект со раскошна естетска убавина, некогашен дом на иницијаторот на Младотурската револуција Нијази бег, а денес Дом на културата „Драги Тозија“. Делумна санација имаше во 2005 година. Сега за покривот, преку Министерството за култура се обезбедени 2,4 милиони денари (околу 40 илјади евра) со што ќе се реши горливиот проблем.
„Во 1982 беше обновен покривот и освежено купето. Но, низ годините почна да прокапува и последниве години е прав хорор филм во поткровјето за кое годинава, за среќа, се обезбедени средства за реконструкција. Таваните горе почнаа да се ронат, протекуваше, имаше некои напори да се заштити. Но, не можеше. Неопходна е целосна реконструкција. Во делот каде што се сликите на Кераца Висулчева нема прокапено, туку во ходникот“, ни рече директорот на Домот на културата Васко Василевски.
Министерката за култура Ирена Стефоска најави дека покривот годинава ќе биде реконструиран.
„Една од приоритетните градби од неокласичната архитектура во земјава, Сарајот на Нијази бег, по децениски проблеми, годинава ќе биде заштитен. За санација на покривот кој протекува , Министерството за култура одвои 2.4 милиони денари. Во некогашниот дворец, денеска заштитено културно наследство, се сместени Ресенската керамичка колонија, една од 10-те под закрила на УНЕСКО, како и постојаната поставка на доајенот на современото сликарство Кераца Висулчева“, објави министерката Стефоска на нејзиниот фејсбук профил.
Сарајот е објект што го одзема здивот со естетскската градба со вградени мермерни плочи на влезот и столбовите, украсни елементи на фасадата, пространа тераса, оригинален облик на покривот, видиковец на покривот, со големината, историјата, градините. Бил граден како дом на бегот, но Нијази немал среќа да живее во дворецот зашто бил убиен само една година по доградувањето на сарајот во 1912. Мегаломанскиот изглед од надвор се совпаѓа и со внатрешноста. Таа изобилува со големи ходници и многу простории со високи тавани кои во зима е тешко да се згреат. Во зградата со внатрешност на касарна има простор да се сместат еден куп културни организации, институции.
„По ослободувањето тука беа сместени повеќе институции, потоа се одделија. Мое лично мислење е дека тоа беше погрешен чекор. Ако останеа заедно ќе беше понаку за животот на ова место. Денес сите сме расцепкани. Домот за култура на првиот кат и поткровјето, а спомен собата на Висулчева под Завод и музеј Битола и керамичката колонија на вториот кат“, вели директорот Василевски.
Домот „Драги Тозија“ се занимава со библиотечна, музичко-сценска, драмска и визуелни уметности, архитектура и дизајн. Годишно организираа по 50 културни настани, но пандемијата ги проретчи активностите. Сепак, иако нема многу настани и постетеност поради актуелната состојба објектот бара одржување, а инстутуциите имаат недостиг на кадар.
„Немаме ни вработени кои би го одржувале објектот. Имавме своевремено договори со Министерството дека треба да се стават камери. Но, сега на моја добра волја е што го одржувме дворот, плаќаме еден работник кој е пред пензионирање. Огромен двор е, а и киното е под наша надлежност. Неопходно е да се вработат луѓе. Не е само проблем одржувањето, туку и делот на организирање на настани. Имаме четворица вработени, јас како раководител, еден во библиотеката, еден сметководител-книговодител и едно техничко лице“, вели Василевски.
Во иднина ходниците, а и просториите на Сарајот би можеле да се оплеменат со многу експонати и други материјали кои ја раскажуваат историјата и сегашноста на Преспа. Засега има моноксил, керамички производи и уште неколку други експонати. Во посебен дел се сместени вредните ликовни дела на Кераца Висулчева, по потекло од Костурско, која иако дел од животот го поминала во Бугарија, јасно укажувала дека е Македонка. Последните години од животот емигрирала во Македонија и на државата ѝ ги оставила сите ликовни творби. Во Сарајот се изложени 38 нејзини дела, меѓу кои и нејзиниот портрет на претседателот Киро Глигоров.
Во Сарајот за жал, нема спомен-соба за Нијази-бег, иако тоа низ минатото често провејувало како идеја. Познато е дека бил роден ресенчанец, па го носел прекарот Ресенли, со неговото одметнување во планина во 1908 започнала Младотурската револуција. Упатил прокламација до христијанското население за заедничка борба против султанот. Ресенчани раскажуваат дека благодарение на него го имаат не само Сарајот, туку и чаршијата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА