СЕ ФАТИВМЕ НА ОРО ЗА МАКЕДОНИЈА – ПОЧИНА ПОСЛЕДНИОТ АСНОМЕЦ ПЕРО ИВАНОВСКИ-ТИКВАР

    СЕ ФАТИВМЕ НА ОРО ЗА МАКЕДОНИЈА – ПОЧИНА ПОСЛЕДНИОТ АСНОМЕЦ ПЕРО ИВАНОВСКИ-ТИКВАРПеро Ивановски – Тиквар, последниот жив делегат на Првото заседание на АСНОМ, почина на 28 јуни на 98 години (Фото: од архивата на Вест)

    Перо Ивановски – Тиквар, последниот жив делегат на Првото заседание на АСНОМ, кој почина на 28 јуни на 98 години (роден е на 28 април 1920), беше жива историја, еден од оние предвоени комунисти чија животна приказна е дел од создавањето и развојот на македонската држава, со сите нејзини превирања.

    Кога на 10 октомври 2014, претседателот Ѓорге Иванов го одликува со „Орден за заслуги за Македонија“, Тиквар рече: „На утрешниот ден (11 Октомври) во 1941 година се сврте македонскиот народ и му викна на окупаторот – не ве сакаме. Од тој ден, од тоа не ве сакаме, поминаа многу тешки денови, месеци и години дури не се создадоа услови да дојде денот да се свика Собранието на АСНОМ на кое се донесе решение за државност. Сите очекувавме дека Панко Брашнаров сериозно ќе го отвори Собранието и ќе зборува за тешките и мачни одлуки кои треба да се донесат. Но, тој имаше визија за Македонија и ни кажуваше каква ќе биде во иднина. На тој начин помогна полесно да се усвојат решенијата кои беа приготвени за да го добиеме тоа што другите го имаа, а ние го немавме – државноста.“

    Перо Ивановски – Тиквар беше жива историја, еден од оние предвоени комунисти чија животна приказна е дел создавањето и развојот на македонската држава, со сите нејзини превирања (Фото: од архивата на Вест)

    За Илинден 2014, по повод 70-годишнината од Првото заседание на АСНОМ,  имавме ретка можност за интервју со Тиквар, кој на 94 години беше исклучително витален, со свежо паметење до најситни детали за настаните кои ги доживеал и за луѓето што ги познавал. Разговорот излезе во „Вест“ на 2 август 2014, а кога му се јавив да му го честитам празникот тој ми рече, „О, па вие ме направивте познат за пошироката јавност!“ Последниве 3 години му се јавував со честитка на секој 2 Август.

    Ова е дел од тој текстот објавен пред 4 години.

    Во 1935 година, тогаш 15-годишниот прилепски скоевец Перо Ивановски – Тиквар бил викач – по улици агитирал за Методија Андонов – Ченто, кој бил заменик-кандидат за пратеник на изборите во кралска Југославија таа година.

    „Како дете, бев само викач за Ченто, одев по улици и викав: ‘Чентоо, Чентоо’, тоа беше за изборите во 1935 година, кога тој беше заменик на кандидатот за избори, а во 1938 беше истакнат кандидат. Бевме една чаршија. Ченто држеше под кирија еден ан, истиот што некогаш го држеше мојот татко. Сите бевме тука“, раскажуваше Тиквар.

    Следниот пат тој со Ченто се сретнал по 9 години, на 2 август 1944, на историското Прво заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ во „Прохор Пчињски“ каде што е создадена современата Република Македонија, а Ченто стана нејзин прв премиер.

    Од неговата 18-та година, Тиквар е член на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ), а од 1940 до 1942 има високи партиски функции во Покраинскиот комитет за Македонија. Животот битно му се менува во 1942, кога е уапсен од бугарската фашистичка окупациска власт, кај селото Голозинци, Велешко. Кога го фатиле, се обидел да се самоубие, ама не успеал, и осуден е на 15 години затвор, кои ги издржувал во Скопје. Неговата врска со АСНОМ, всушност, почнува уште во затворот каде што, како политички затвореник, бил одговорен за партиска работа. Во јули 1944, заедно со уште тројца политички затвореници успеале да избегаат од затворот во скопско Идризово, и отишле во партизани, во Третата кумановска бригада.

    „Мора да ви кажам дека ние не избегавме од затворот за да бидеме делегати на АСНОМ туку за да одиме во борба“, рече Тиквар, додека ја раскажуваше затворската епопеја.

    Во тоа време, неколку месеци пред капитулацијата на фашистичка Бугарија на 9 септември 1944, постојано имало бомбардирања од сојузничките авиони, и на двапати бил погоден затворот во Скопје, кој се наоѓал на Кале. Затоа бугарските власти решиле македонските политички затвореници, заедно со една група бугарски политички затвореници, да ги префрли во затворот во Идризово.

    „Мора да ви кажам дека ние не избегавме од затворот за да бидеме делегати на АСНОМ туку за да одиме во борба“, рече Тиквар, додека ја раскажуваше затворската епопеја (Фото: од архивата на Вест)

    „Во тоа време летните работи навасаа, и властите од управата на затворот бараа аргати, и ги најдоа во тие дојдените Бугари, оти они немаа кај да побегнат. Ама, кога дојде време за нашата работа, ние се ‘претворивме’ во Бугари, и заедно со нив излеговме во групата за полјоделие, избегавме и отидовме во Кумановско. Бевме едно помладо момче, кумановецот Димитрија Алексиевски – Пекарот, јас и бугарскиот писател Васил Ивановски. Малку залутавме, околу 3 ноќи патувавме, дење престојувавме во некои села. Сѐ беше во ред, не беше прашање за јадење туку беше прашање за вода, немаше вода. Знам во еден момент, втората вечер, некаде крекна жаба, па сите инстинктивно се свртеа таму и појдовме натаму, ама кога дојдовме дотаму само кал имаше, ни вода ни ништо. Кога стасавме, беше дојден курирот што собира партизани од таму, и ги води на одредиште. Истата вечер беше дојден, па и нас нѐ собра. Васил имаше осакатени нозе, па попат му најдоа коњче во едно село, го качија, и тој дојде таму. Таму имаше многумина што ги знаев уште од мирно време. Организациониот комитет за АСНОМ сакаше доста работа, па во партискиот Централен комитет двајца беа задолжени за избирање делегати. Јас разговарав со Страхил Гигов, кој беше член на ЦК, и со Видое Смилевски – Бато, кој беше во српски одреди некаде партизан, па премина кај нас, и тој ме пречека. И ним им кажав зошто сме дојдени. Чекавме да ни дадат распоред што ќе правиме, и уште истиот ден ни дадоа. Младото момче и Пекарот ги распоредија во бојни единици, а мене и на Бугаринот Васил Ивановски ни рекоа: ‘Вие сте предвидени за делегати на Собранието’. И така тоа траеше можеби неколку дена, тој целиот поход од првото село Жегљане, па преку другите села, дури стасавме до ‘Прохор Пчињски'”, тече Тиквар.

    Тој посебно инсистираше да го објасни поширокиот контекст во кој е одржано Заседанието на АСНОМ.

    „Многумина немаат претстава што значи тоа Заседание на АСНОМ во манастирот ‘Прохор Пчињски’. Тоа е навистина една просторија, не толку голема, наредена со клупи, седнати се луѓето, и тие претседатели и овие учесници, тоа е во ред. Ама треба еден појас, и тоа колку може поширок појас на безбедност, да спречи евентуално пристап на Бугарите, на непријателот, да направи тука дармар. Тој појас на безбедност беше доста широк. Овие селава кои ги поминав, јас ги поминав во ослободена територија, не под окупација. И уште нешто друго, ептен докажливо. Таму, веќе за мојот престој, се спуштаа авиони од Алијансата, британски авиони, кои носеа лесно оружје, облека, храна, и оттаму земаа тешко ранети луѓе и ги носеа во Бари каде што беше партизанската болница. Значи, може да имате претстава кој е тој безбедносен појас. Тоа не е куќарка, манастирче некое, па ќути да не не слушнат или којзнае што ќе биде“, вели Тиквар и додава: „На Заседанието имаше странци делегати, претставник од Англија, претставник на Америка, тие претходно беа дојдени и соработуваа со политичкото раководство кај нас, и имаа врска со својата служба таму во Италија. Оти тогаш Италија беше капитулирана, и од таа база на југот идеа сојузнички авиони. Документите кои беа донесени на АСНОМ, беа претходно спремени. Значи, сакам да ви дадам една претстава, да не мислите, како што некој мисли, барем мене така ми рекоа некои, дека тоа било така набрзина“.

    Тој вели дека уште од многу млад комунистичката идеја му била паралелна со идејата за македонска држава, и оти чувството и свеста за големиот историски момент го имале и сите негови сопартијци и учесници на АСНОМ.

    „Седевме на претпоследната клупа, Бане Андреев – Ронката седеше до мене. И прв зеде збор Панко Брашнаров, тој го отвори заседанието. Јас не очекував од еден што отвора многу сериозно заседание за сериозна работа, така да зборува. Тој зборуваше со таков еден восхит, а така убаво за убавините на Македонија, за нејзините реки, шуми кои ја обиколуваат, во смисла кажуваше кои ѝ се граници на Македонија и на запад и на исток, така што не само мене ами и другите сите ги восхити. Тој ко запре, удривме аплауз голем. И немаше никаква дилема кој ќе биде претседател, се знаеше и сите беа за тоа да биде Ченто. Понатаму, знаете, да не ги редам сите решенија кои се донесени на АСНОМ, најважно е тоа за независна Македонија, јазикот наш, и така натаму“, рече Тиквар, кој сѐ уште со возбуда зборуваше за сликата која не може да ја заборави.

    „Замислете, сабајлето, кога се раздени, излеговме тука во дворовите на манастирот, ко видов една слика, таа не можам да ја заборавам никогаш. Многу селани од разни села дојдени со свои јамболии, килимчиња, послале по тревата, некои со коњи, со магариња, некои со запрежни коли, еден дел тука отспале, преполно беше. И овие што беа на Заседанието, немаше више што да се склањаат од погледите на другите, дојдоа таму, се фативме сите во коло, се поздравуваа едни со други, си честитаа. И луѓето разбрале што се случило, стана многу свечено. На пример, од Врање им донесоа униформи за Михајло Апостолски, нашиот генерал, и на Светозар Вукмановиќ – Темпо, исто така, да облече офицерски алишта, таму беа сошиени и донесени тука. И тие внесоа една новина, како врска на таа редовна војска со ние парталковци. Тоа беше голема работа. Многу голема работа“.

    По АСНОМ, Тиквар се враќа на фронтот, како комесар на 11. бригада, формирана во средината на август, чиј командант е Дане Цеков од Куманово, која пренела еден дел на архивата на политичкото и воено раководство во Горно Врановци, на слободна територија. Потоа продолжиле со борби, сѐ до 13 ноември, ослободувањето на Скопје. По ослободувањето, Тиквар работел во ОЗНА, набргу се судрил со партиското крило на Лазар Колишевски и потоа заминал од Македонија во Белград и во Босна, со што, практично, му завршува политичката кариера. По смирувањето на внатрепартиските превирања и ослабувањето на Колишевски, тој се враќа во Македонија, и до пензионирањето работи прво како директор на ФАС „11 Октомври“ , а потоа и на Железарницата во Скопје.

    „Немаше никаква дилема кој ќе биде претседател, се знаеше и сите беа за тоа да биде Ченто. Понатаму, знаете, да не ги редам сите решенија кои се донесени на АСНОМ, најважно е тоа за независна Македонија, јазикот наш, и така натаму“, рече Тиквар, кој сѐ уште со возбуда зборуваше за сликата која не може да ја заборави (Фото: од архивата на Вест)

    По пензионирањето е активен во Сојузот на борците каде што речиси 50 години го води дебатниот клуб.

    До смртта живееше сам во центарот на Скопје, спроти Влада и, како што рече, денот му минува прво со работи на секоја домаќинка, готвење, миење садови и чистење, а потоа и читање, задолжително весници, и многу книги, кои често ги препрочитува. Рече и дека прочитал многу од тоа што е напишано за него, но кога не се согласувал, никогаш не реагирал со контратекст. Во разговорот кој го водевме во парк, крај Вардар, тој во таа претпразнична пригода одби да зборува за поствоените премрежиња на македонската држава, рече, тоа е друга приказна, која ќе ја раскаже другпат.

    На прашањето како денеска ја гледа Македонија, се насмеа и рече: „Што ќе ви кажувам. Поарно да не ви кажувам ништо. Може и да не се разбереме. Може и несфатливо лошо да бидам разбран. Може имам најмногу право да кажувам, ама можеби тие се соживеале со некој друг живот, и тие си имаат свое некое право. Што ќе му правиш“.

    ВО ТОЈ МОМЕНТ СЕ ЗАЉУБИВ

    Во разговорот со Тиквар, му ја раскажавме анегдотата која ја кажува Слободанка Цоца Дуковска, инаку баба на драмскиот писател Дејан Дуковски, која била скоевка и партизанка. Во 1942, откако Тиквар бил уапсен од бугарските фашистички власти, таа била испратена од СКОЈ да го гледа неговото судење во Скопје, кое било отворено за публика, да следи како се држел. Таа ја паметела сликата: висок, кршен младич, се симнувал надолу по скали, во раскопчана бела кошула, со пранги на раце, пранги на нозе, и леден поглед право, самоуверено.

    „И, тој момент се заљубив“, кажувала Цоца.

    „Ту брее“, се изнасмеа Тиквар и рече дека првпат ја слуша таа приказна. „Знаете дека ме казнија и за нејавување на воен повик, дошол повик дома да се јавам во војска, а јас во затвор, и таков со окови ме однесоа во Прилеп, ме казнија 6 месеци, тоа после се стави во големата пресуда, а и се повтори уште еднаш. А ме носеа од затвор до судењето преку цела чаршија, за да ме видат сите. Ме осудија на 15 години. Моето судење беше последно што помина на воен суд, тоа беше во зградата на левата страна на Вардар, куќата е срушена, на тоа место е сегашното Министерство за транспорт, зад Ибни Пајко“, рече Тиквар.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира