СЕ ГЛЕДА ЛИ СОЛУН ОД ВРВОТ СОЛУНСКА ГЛАВА, МИТ, ЛЕГЕНДА ИЛИ РЕАЛНОСТ

    СЕ ГЛЕДА ЛИ СОЛУН ОД ВРВОТ СОЛУНСКА ГЛАВА, МИТ, ЛЕГЕНДА ИЛИ РЕАЛНОСТЛегендата за Солунска Глава потекнува од 1915 година, кога група војници и еден офицер од тогашна Југославија биле на логорување во реонот околу врвот. (Фото: СДК.МК)

    Преданието зборува дека највисокиот врв во Централна Македонија, Солунска глава со 2.540 м.н.в. на планината Јакупица, името го добил затоа што од него некој во некоја пригода го видел градот Солун. Приказната е стара стотина години, таа се раскажува, преданието се шири, но дали тоа е вистина. Многумина се прашуваат дали е точно, други се обиделе од врвот да ги видат во ведрите ноќи светилките на Солунското пристаниште. Така легендата за името ја раскажува постар планинар, кој ја слушнал и раскажал илјадници пати, иако самиот тој знае дека тоа не е вистина.

    „Во 1915 година група војници и еден офицер од тогашна Југославија биле на логорување во реонот околу врвот. Биле на пат преку Скопје за Солунскиот фронт. Војската нетрпелива да стигне, изморена од долгиот пат, барала каде е Солун. Една тивка вечер офицерот покажал кон треперливите светулки во далечината низ Повардарието, гледајќи некаков блескав отсјај и велејќи им на војниците ‘тоа е Солун’“, вели Стојан Димовски, постар планинар, љубител на планината Јакупица, чиј врв е Солунска глава.

    Тоа е преданието, што постојано се прераскажува, а нема сведок, што ќе потврди дека во видел Солун од Солунска глава. Одговорот сепак го дава науката, дали е можно од далечина од околу 200 километри да се види Солун од висина од 2,5 километри.

    „Разни истражувања и сознанија, покажуваат дека при солидни временски услови и добра положба и височина, човечкото око може да види подрачја оддалечени 200 до 300 км, а најмногу до околу 500 км . Растојанието помеѓу Солунска Глава и Солун е само 180 км, што значи тоа не би било проблем. Меѓутоа, временските услови околу врвот во текот на годината не се многу поволни, а и да има „поволни денови“ тешко со сигурност би потврдиле до каде е видикот“, вели проф. д-р Ивица Милевски од Институтот за географија при Природно-математичкиот Факултет од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј од Скопје“.

    Човечкото око може да види подрачја оддалечени 200 до 300 км, а најмногу до околу 500 км . Растојанието помеѓу Солунска Глава и Солун е само 180 км, што значи тоа не би било проблем. (Фото: СДК.МК)

    Тој извршил истражување, за да се провери митот се гледа ли Солун од Солунска Глава. Користејќи 90-метарски (SRTM) и 30-метарски (ASTER) дигитален модел на релјефот и поставувајќи серија на дигитални топографски профили помеѓу двете места, како и серија на анализи на топографска видливост дошол до конечни сознанија. Во постапката ја земал предвид и закривеноста на Земјината површина.

    „Резултатите покажаа дека во никој случај не е возможно од врвот Солунска Глава, но и од било кој дел на Јакупица да се види градот Солун, ниту околниот рамничарски или морски простор во Солунскиот Залив. Главна пречка за тоа се високите делови на планината Кожуф кои се испречени широко на линија на видикот, погледот. За ведро и убаво време, најблиску што би можело да се види до Солун од врвот Солунска Глава се ниските планини 35 км на североисток од градот. Затоа пак делови од Солун и Солунскиот Залив од наша територија би можеле убаво да се видат од високите била на Ниџе, Беласица, па дури и Плачковица, 140 км на север“,  вели д-р Милевски.

    Во пракса, највисокиот врв на Кожуф, Зеленбег со 2.176 метри се покажало дека е непремостлива пречка од Солунска глава да се види Солун. Но, затоа такво задоволство е можно од југоисточниот дел на Македонија Планинарите и жителите на регионот од Азот пак се надеваат дека ова нема да придонесе да се менува името на врвот.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира