СЕЛФИУБИСТВО – 259 ЛУЃЕ ЗАГИНАЛЕ ЗА СЕДУМ ГОДИНИ ВО ОБИД ДА НАПРАВАТ УНИКАТНА ФОТОГРАФИЈА

    СЕЛФИУБИСТВО – 259 ЛУЃЕ ЗАГИНАЛЕ ЗА СЕДУМ ГОДИНИ ВО ОБИД ДА НАПРАВАТ УНИКАТНА ФОТОГРАФИЈАИндија е земја со најголем број смртни случаи поврзани со сликање селфи, па следуваат Пакистан, Русија и САД (Фото: ДПА)

    Во последните седум години, најмалку 259 луѓе загинале обидувајќи се да направат самослик. Овој тренд е особено во пораст во југоисточна Азија, кадешто туристичките атракции неретко комбинираат неверојатна глетка и небезбеден пристап.

    Шри Ланка е избрана за една од врвните туристички дестинации за 2019, но сите што ќе сакаат да направат уникатни фотографии од одморот, ќе мора да бидат многу претпазливи. Една од локациите кадешто сите сакаат да се сликаат е 1.000 метри високата карпа наречена Крајот на светот, што се наоѓа во националниот парк Хортон Плејнс. Токму тука лани загина 35-годишна Германка додека правеше селфи.

    Друг тип на опасност доаѓа од сликањето на шините на живописната пруга што минува низ џунглите на Шри Ланка, што, исто така, се покажа како смртоносна стапица. Шри Ланка лани воведе забрана за сликање на пруга, но таа допрва треба да почне да се применува.

    Според две студии, Индија е земја со најголем број смртни случаи поврзани со сликање селфи. Половина од 259-те случаи регистрирани низ светот од октомври 2011 до ноември 2018 биле во Индија. Зад неа се Пакистан, Русија и САД.

    „Од март 2014, 139 Индијци загинале додека правеле селфи, како и пет странски државјани“, вели авторот на една од студиите, Понурангам Кумарагару.

    Индијците се буквално луди по правење селфи и многу сакаат да се сликаат со странци, при што понекогаш знаат да бидат и агресивни, на што предупредуваат туристички водичи.

    Во Мумбај и во градовите на Гоа е забрането да се прави селфи, но бидејќи нема знаци, Кумарагару вели дека тоа нема ефект. Тој и неговите колеги имаат подобро решение: тие развиле апликација наречена „сефти“, која содржи податоци за околу 700 локации низ светот кадешто е опасно да се прави селфи.

    „Засега немаме многу корисници, но нашата цел е да спасуваме животи“, вели Кумарагару.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира