Сестрите Ивана и Драгана од Тетово неколку години згрижуваат кучиња скитници, а се грижат и за останатите кучиња кои се движат по улиците давајќи им храна.
Сѐ започнало пред неколку години кога Драгана го вдомила првото улично куче кое било многу болно. Нејзината сестра Ивана првин се противела на оваа нејзина постапка, но набрзо и таа се вклучила во згрижувањето, па лани и таа вдомила куче.
„Првото куче е вдомено пред пет години. Го донесе сестра ми од Скопје. Му го дадовме името Лара. Кога ја донесовме Лара, таа беше многу болна, но сакавме да ѝ помогнеме, да ѝ дадеме љубов, зашто животните го заслужуваат тоа. Додека било малечко, кучето било измачувано од претходниот сопственик, кој не му давал вода и храна, го тепал, па кога го зедовме, беше веќе пред умирање. Сестра ми беше многу упорна и го излечи и сега Лара е вистинска бела убавица. Јас пред една година исто така вдомив куче. Сега Мина, како што ѝ дадовме име, е дел од нашето семејство и расте заедно со моето бебе и сите живееме сложно“, вели Ивана Зафировска.
Но, љубовта кон кучињата не застанува тука. Ивана, Драгана и уште неколку девојки формираа група на граѓани-љубители на животни и сите заедно се грижат за нив. Грижата е речиси секојдневна, болните кучиња ги носат на ветеринар, а им купуваат и храна.
„Сето ова го плаќаме од наш џеб. Трошоците за ветеринарни услуги и храна знаат да бидат навистина големи. Нашата активност привлече и други љубители на животни, па формиравме една група која сега брои седум девојки и на сите нас ова ни претставува задоволство. Заедно се договараме и се обидуваме да ги решиме проблемите со кучињата скитници. Интересен е примерот од населбата Блок 70 во Тетово, каде неодамна имаше глутница кучиња скитници, која трчаше по напуштена хаска која беше во период на парење. Побаравме помош од Јавното комунално претпријатие од Тетово да се прими хаската во стационарот за кучиња, но бевме одбиени. Тогаш една наша пријателка со помош на уште едно девојче ја заловија хаската и ја префрлија на сигурно додека не ѝ помине периодот за парење. Инаку, досега имаме згрижено многу кучиња, од кои поголемиот дел во Скопје, како и во околните села. Нашата групата отвори Фејсбук страница ‘Бездомни животни Тетово‘ и тука разменуваме совети и се договараме кога треба да излеземе на терен“, раскажува Ивана.
Проблемот со кучињата скитници во последните неколку месеци повторно е актуелен во Тетово. Тие можат да се видат на сите градски улици, па дури и во самиот центар. Тетовци велат дека овие кучиња се носат од другите градови. Непознати лица го правеле тоа во раните утрински часови, а кучињата ги носеле со комбиња. Дека ова не е далеку од вистината можеше да се види на едно куче кое на увото имаше ознака дека е обележано во Гостивар.
Во Тетово неколку месеци работеше стационар за кучиња скитници, но откако заврши проектот, Општината не обезбеди пари за продолжување на неговата работа.
З. АНДОНОВ